Топ
ОЈО: Причина за првичниот судар во тешката сообраќајка кај Куманово е возење на автопат во спротивна насока
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место на тешка сообраќајна несреќа во близина на граничниот премин Табановце во која едно лице го загуби животот.
Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, “Фолксваген поло” со кумановски и “Фолксваген голф” со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока.
По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил “Опел инсигниа” со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала.
Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели, велат од МНР и апелираат граѓаните да се воздржат од патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека со внимание и загриженост ги следи случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток, кои имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.
„Со оглед на очигледните обиди на Иран да таргетира, покрај Израел, и повеќе арапски држави, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британската воена база на територијата на Република Кипар, се апелира до сите државјани на Република Северна Македонија да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток“, велат од Министерството.
МНР недвосмислено ги осудува сите напади врз нашите пријатели и партнери, се вели во соопштението. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели, како што се додава, се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност.
„Приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи се наоѓаат во овој регион. Во текот на изминатиот период, надлежните дипломатско-конзуларни претставништва се во континуирана комуникација со нив“, велат од МНР.
Министерството, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва, разгледува повеќе можни сценарија за репатриација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога тоа ќе го дозволат условите на терен и/или по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

