Црна хроника
Пандов: Одземен му е телефонот на Јованов, преместен е во самица – ќе следува истрага

Откако на социјалните мрежи се прошири фотографија од која се гледа дека притворениот Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова, користи мобилен телефон, директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов вечерва извести дека мобилниот телефон веднаш му е одземен, извршен е претрес во сите ќелии и осомничениот Јованов е преместен во самица. Ќе следува и истрага и санкции за корумпираните службеници кои што му го дале мобилниот телефон.
Јавноста реагираше бурно, а меѓу другите се огласи и сестрата на Фросина.
„Од семејството на свирепо убиената Фросина Кулакова јавно се обраќаме до МВР – Сектор за Внатрешна Контрола да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот – монструм и да биде соодветно санкциониран. Системот повторно потфрли! Дали ќе се дозволи корупцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее?! Чие дете е следно?“, напиша таа на Фејсбук.
„Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор? Кој го штити младиот убиец од високите кругови на ДПМНЕ? Каква е инволвираноста на Пандов? Дали е точно дека добро знаел што се случува а откако сликите излегоа во јавноста и власта е фатена жива најавува истрага? Ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта. Сомнежот станува уште поголем ако се земе предвид дека неговиот татко неодамна бил промовиран во Армијата лично од министерот за одбрана Мисајловски. Кој го штити младиот убиец во врвот на власта? Срамно и недозволиво осомничен за ваков грозоморен чин слободно да користи мобилен телефон уште од првиот ден. Јавноста чека одговори од Тошковски и одговорност од Александар Пандов!“, пишува во соопштението на СДСМ.
22-годишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Косовски државјанин приведен на Блаце: бил со италијански фалсификувани документи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 26-годишен косовски државјанин за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 24 април веднаш по полноќ, на граничниот премин Долно Блаце при влез во државава, употребил како вистински лажни исправи – италијанска лична карта и италијанска возачка дозвола.
Бил задржан кога на пасошката контрола ги приложил лажните јавни исправи, а надлежниот јавен обвинител предложи да му биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, соопшти обвинителството.
Црна хроника
Скопјанец измамен за 23.000 евра – мислел дека помага да си го вработи внукот, налетал на измамник

Во полицијата пријавен случај на измама со лажно вработување.
Измамен е 65-годишен скопјанец, од кого, спроред пријавеното, измамникот успеал да земе 23.000 евра.
Скопјанецот во неколку наврати му ги дал парите, за да помогне во вработување на негов внук, но до пријавувањето на настанот не го исполнил договореното.
Од МВР велат дека се преземат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Две жени натепани од поранешните партнери во своите домови

Две жени вчера во Скопје биле нападнати од страна на нивните поранешни партнери.
Во првиот случај, 51-годишна жена од скопско пријавила дека околу 18 часот во домот била физички нападната од нејзиниот поранешен сопруг С.П.(49).
Неколку часа подоцна, 31-годишна жена од Битола, со престој во Скопје, пријавила дека пред нејзиниот дом на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Р.К.(34) од Скопје.
Се преземаат мерки за расчистување на случаите, велат од МВР.