Топ
При претреси во Виница и Виничко пронајдени шест метални детектори, кутија со 43 златни и сребрени монети: петмина уапсени
Вчера полициски службеници од ОВР Виница поради основано сомнение за сторено кривично дело „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни ресурси“ по чл.265 од КЗ, ги лишија од слобода 61-годишниот И.А. и 63-годишниот С.А., двајцата од село Јакимово, виничко, 66-годишниот Д.Т. од Кочани, 62-годишниот М.И. и 30-годишниот Ј.М., двајцата од Виница.
Постапувајќи по претходна пријава, полициски службеници на пат во атар на село Калиманци сопреле патничко возило „фиат браво“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.А. со сопатници И.А. и Д.Т. и патничко возило „опел вектра“ со штипски регистарски ознаки, управувано од М.И. од Виница со сопатник Ј.М., при што во двете возила биле пронајдени и одземени метален детектор и алат.
По насоки на надлежен јавен обвинител и по извршени проверки во содејство со кустоси од Музеј „Теракота“ Виница во село Калиманци било констатирано дека пријавените во временскиот период од 13 до 15.12.2025 извршиле ископ.
По наредба на Основен суд Виница, извршени се претреси во домовите на М.И., С.А. и И.А., при што биле пронајдени и одземени шест метални детектори, кутија со 43 златни и сребрени монети со различна големина и друг алат. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.
Култура
„Една битка по друга“, „Хамнет“ и „Адолесценција“ доминираа на Златните глобуси
Во неделата беа доделени престижните награди Златен глобус. Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) беше прогласен за најдобар филм – мјузикл или комедија, што е една од вкупно четирите награди што ги освои, додека „Хамнет“ (Hamnet) ја доби наградата за најдобар филм – драма.
Тимоти Шаламе триумфираше во една од најконкурентните категории, освојувајќи ја наградата за најдобар актер во филм – мјузикл или комедија за улогата на професионален пингпонг-играч во филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme).
Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), продукција на „Ворнер Брос Дискавери“, кој ја следи приказната за група пропаднати револуционери, се смета за фаворит и за Оскар за најдобар филм. На доделувањето, режисерот Пол Томас Андерсон ги освои наградите за најдобар режисер и најдобро сценарио, додека Тејана Тејлор ја доби наградата за најдобра споредна актерка.
Филмот „Хамнет“ (Hamnet) нуди замислена приказна за тоа како Вилијам Шекспир и неговата сопруга се справувале со смртта на нивниот 11-годишен син Хамнет. Историчарите веруваат дека токму оваа трагедија го инспирирала драматургот да ја напише драмата „Хамлет“ (Hamlet).
Бразилскиот филм „Тајниот агент“ (The Secret Agent) беше прогласен за најдобар филм на странски јазик, а неговата ѕвезда Вагнер Моура ја освои наградата за најдобар актер во филм – драма.
Стелан Скарсгард го доби Златниот глобус за најдобра споредна машка улога во норвешката семејна драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).
„Не бев подготвен за ова, бидејќи, секако, мислев дека сум престар“, изјави 74-годишниот актер на сцената.
Песната „Злато“ (Golden), од анимираниот феномен „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters), беше прогласена за најдобра оригинална песна.
Во телевизиските категории, серијата „Пит“ (The Pitt) ја освои наградата за најдобра ТВ серија – драма, додека „Студиото“ (The Studio) беше прогласена за најдобра ТВ серија – мјузикл или комедија.
Мини-серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која ја раскажува шокантната приказна за тринаесетгодишно момче обвинето за убиство на соученик, ја освои наградата за најдобра мини-серија или антологиска серија.
Актерите Стивен Грејам, Овен Купер и Ерин Доерти ги освоија наградите за најдобар актер во мини-серија, најдобар спореден актер на телевизија и најдобра споредна актерка на телевизија.

