Црна хроника
Приведени тројца мажи: возеле пијани и предизвикале сообраќајни незгоди
Вчера во 05.30 часот во село Јосифово, валандовско, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово го лишија од слобода Т.Ј.(52) од село Удово, валандовско.
Околу 04.20 часот на регионалниот пат Р-1105, кај с.Јосифово, валандовско, управувајќи патничко возило „опел корса“ со валандовски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот, по што се оддалечил од возилото, кое целосно изгорело. Во несреќата, тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Здравствен дом Валандово, а при проверка било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,19 промили алкохол во крвта. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Валандово.
Вчера во 07.00 часот на магистрален пат А2 во село Гиновци, општина Ранковце, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Крива Паланка го лишиле од слобода М.Ц. (38) од Радишани, скопско. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „мазда“, кое го управувал М.Ц. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2.13 промили алкохол во крвта.
Вчера во 07.50 часот на регионалниот пат Делчево-Берово, во с.Смојмирово, беровско, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода А.Н.(30) од село Црник, пехчевско.
При вршење увид по претходно случена сообраќајна незгода, полициските службеници констатирале дека А.Н. е под дејство на алкохол, односно дека има 1,94 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил приведен и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против тројцата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
МВР со опомена до 150 граѓани кои зборувале на телефон додека минувале на пешачки
Во периодот од 26.09.2025 до 07.11.годинава полициските службеници од СВР Скопје издале вкупно 150 опомени за граѓаните. Согласно проценките, динамиката и степенот на информираност и запознавање на граѓаните за измените во законската регулатива, во наредниот период се очекува отпочнување со изрекување на соодветни санкции, по целосното информирање на граѓаните за новите законски одредби.
Новите измени во Законот за безбедност во сообраќајот – пешачењето со телефон во рака или преминувањето пешачки со тротинет е прекршок кој се плаќа. Ако преминувате пешачки со мобилен телефон на уво или во рака – казната е 40 евра.
Ако возите тротинет, мотор или трактор со користење електронски уред – казната е 50 евра.
Црна хроника
Пожар зафати товарно возило во двор на фирма во Крушопек
Во првите часови по полноќ, на 8 ноември, во СВР Скопје било пријавено дека во двор на фирма во селото Крушопек избувнал пожар во товарно возило ман со скопски регистарски таблички, сопственост на фирмата.
Пожарот бил навреме изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита. Нема повредени лица, а увид на местото на настанот ќе биде извршен во текот на денешниот ден.
Црна хроника
Жена падна во автобус и тешко се повреди
Педесет и седумгодишна скопјанка се здобила со тешки телесни повреди откако вчера паднала во автобус кој сообраќал по булеварот Кузман Јосифовски Питу во Скопје. Според пријавеното во СВР Скопје, жената била патник во автобус управуван од 59-годишен возач од Волково.
По падот, таа била пренесена во Градската општа болница Св. Наум Охридски, каде што и биле констатирани тешките повреди. На местото на настанот извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

