Топ
Пукање во Штип, едно лице повредено

Едно лице е повредено во пукање што се случило вчера вечер во кафуле на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип.
Според првичните информации од полицијата, повредениот е префрлен во болницата во Штип.
„Вчера околу 21.30 часот во СВР Штип било пријавено дека во угостителски објект на градскиот плоштад во Штип, било пукано со пиштол при што едно лице е повредено. Лицето со возило на итна медицинска помош е пренесено во болница во Штип. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето кое пукало и за расчистување на случајот“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Да, виновен сум“ – Васил Јованов призна вина за сообраќајната несреќа во која загина Фросина

Васил Јованов на денешното прво рочиште призна вина за сообраќајната несреќа во која загина, Фросина Кулакова.
Тој одговарајќи на прашање на судијката, Снежана Марковска, дали го разбира делото и дали се чувствува виновен, изрази сочувство до семејството на Кулакова.
„Никогаш не сум мислел дека ќе се случи вакво нешто. Да, виновен сум!“, рече Јованов.
Во завршните зборови тој рече и дека има голема грижа на совест.
„Ова ќе ме прогонува до крајот на мојот живот“, рече обвинетиот.
Адвокатот на Јованов, Сашко Дуковски, во одбрана на својот клиент ги наведе неговите студии, успесите и наградите во боксот. Побара да биде изведена и снимка која покажува дека младиот Јованов веднаш по настанот покажал огромно каење.
Несреќата се случи на 29 јануари, кога Јованов, без возачка дозвола, под дејство на алкохол и на црвено светло на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на пешачки премин, удри во Фросина Кулакова која почина на лице место.
Македонија
(Видео) Кузеска за убиството во Штип: Како е возможно турски државјанин да поседува пиштол

Безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. Македонија гори од насилство, убиства по улици, криминал и безредие. Вчерашното убиство во Штип дополнително ја вознемири јавноста. Дивеење како на филм, за на крај да слушнеме за убиство на уште еден млад човек, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа праша како е возможно турски државјанин да поседува пиштол, чие е возилото со кое бегал и пукал дури и на патарина и кој го дозволил ова безредие или најточно кажано анархија?
Според неа, на македонските улици се случува општ хаос.
„Нема ден, а да нема убиство, тепачка – граѓаните стравуваат за својата безбедност – не е сигурно ниту на улица, ниту во кафе бар, ниту дома. Вчерашното убиство во Штип, во кафе бар, е само последно во низата убиства што се случија изминатава година и тоа јавно пред сведоци. Ова е доказ дека министерот за внатрешни работи Тошковски ја губи контролата врз безбедноста на државата“, изјави Кузеска.
Според неа, Тошковски не само што нема капацитет да се справи со криминалот и да ја гарантира безбедноста на граѓаните – туку и дозволува негово слободно ширење на улиците, па дури во полициските станици.
„За 10 месеци Македонија се претвори во Див Запад. Серија убиства се случија само во Скопје – убиство во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Македонија се соочува со безбедносна криза. Министре Тошковски, уште убиства е потребно да се случат за да ви пропаботи совеста и да превземете одговорност.“, изјави Кузеска и додаде дека СДСМ бара целосно расветлување за убиство во Штип и одговорност за секој друг нерешен случај.
Македонија
Време е да сфатиме дека „Генералка викенд“ треба да прерасне во генералка 365 дена, вели претседателката Сиљановска-Давкова

Просторот околу скопскиот акведукт, кој со децении е депонија, треба да прерасне во парк, заклучија утрово претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за животна средина, Изет Меџити, министерката за образование, Весна Јаневска, неколкумина скопски градоначалници, како и многумина екоактивисти, на почетокот на тридневната национална акција за чистење „Генералка викенд“. Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека е неопходен договор меѓу луѓето и природата, во кој луѓето ќе гарантираат дека ќе ја штитат природата.
„Ние во правото велиме дека оној што е постар има посилни или поголеми права, ама ајде да се потсетиме на тоа – први настанале билките, па животните, па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот. Тоа е факт. Ако не се смириме со природата, ќе се самоубиеме, тоа е факт. Можеби е добро што почнувате од овде, ова е еден прекрасен акведукт, замислете пред 2000 години. Ова траба да биде парк. Ние треба да си ја заштитиме природата оти штитејќи ја неа, се штитиме себеси. Време е да сфатиме дека ‘Генералка викенд’ треба да прерасне во генералка 365 дена“, рече претседателката Сиљановска-Давкова и предложи следниот пат акцијата за чистење да почне од дворот на Собранието.
И министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека акциите како „Генералка викенд“ треба да станат секојдневие, а посебна грижа заслужуваат културните споменици, како акведуктот.
Акцијата и годинава ја поддржа австриската амбасада. Амбасадорот Мартин Памер со неколкумина колеги се вклучи во чистењето кај акведуктот.
„Мора да бидеме свесни дека ова е многу важно за нас, за вас како луѓе што живеат овде, но и за имиџот на земјата и за туризмот“, рече австрискиот амбасадор во земјата, Памер.
На 29 локации во земјата, на кои се спроведува акцијата „Генерлака викенд“, волонтери од Црвениот крст се грижат за безбедноста на сите што се вклучени во чистењето.
Акцијата за чистење „Генералка викенд“ ја организира „Мен енд маунтен“ во соработка со „Пивара“ – Скопје, „Пакомак“, „Нула отпад“, Шпаркасе банка, „ЕВН Македонија“, „Макстил“, „Бучим Боров Дол“ и германската компанија „Костал“, а ја поддржаа локалните самоуправи и Министерството за животна средина.