Црна хроника
(Видео) Се намалува бројот на сообраќајни несреќи и на загинати
„Во ноември 2020 година имаме значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди, особено на оние со потешки последици“, рече министерот Оливер Спасовски при денешната посета на Мобилната единица за безбедност во сообраќајот, која е носител на засилените акциски контроли во сообраќајот што МВР ги спроведува од средината на септември.
„По моето враќање во МВР во септември, почнавме низа оперативни акции за да ја подобриме безбедноста на граѓаните, а една од акциите е насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот и, пред сè, намалување на бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици. Анализите покажуваат дека како што течат овие засилени контроли, граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, што резултира со намалување на бројот на сообраќајни незгоди, особено оние со потешки последици. Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во октомври 2020 година, а со поголем процент и во ноември оваа година. Се разбира, на намалувањето на сообраќајните незгоди, односно подигањето на сообраќајната култура, влијаат многу фактори, но ние како министерство во овој период сме посветени да ја завршиме нашата задача и тоа како на превентивен така и на репресивен план, а евидентно е дека резултатите се видливи и посветени сме и натаму да продолжиме со мерките со цел намалување на сообраќајните незгоди, особено оние со потешки последици“, рече министерот Спасовски.
Во ноември 2019 година се случиле вкупно 714 сообраќајни незгоди, а во ноември 2020 година – 564, што претставува намалување од 21 отсто. Во сообраќајни незгоди во текот на ноември 2019 година животот го загубиле 11, а истиот месец 2020 година седум лица, што претставува намалување од 36 отсто. Во однос на пешаците како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, за истиот период бележиме намалување од 75 %, односно во ноември 2019 година загинале четворица пешаци, а во ноември 2020 година – еден. Се намалува и бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди, односно во ноември 2019 година 70 сообраќајни незгоди, а во ноември 2020 година – 37, што претставува намалување од 47 %.
Од почнувањето на засилените акциски контроли изречени се вкупно 43.170 санкции, од кои: 7.404 за пречекорување на ограничувањето на брзината на движење, 615 за поминување на црвено светло, 7.306 за управување без возачка дозвола, 5.829 за нерегистрирани возила, 854 возила за јавен превоз на патници поради техничка неисправност.
„Продолжуваме да работиме интензивно за да дојдеме до зацртаната цел, побезбедни улици и патишта. Особено сакам да ги потенцирам професионалноста и посветеноста на полициските службеници што ги спроведуваат овие акциски контроли, како и на тимот што раководи со акцијата и од нив очекувам иста посветност и професионалност и во наредниот период“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

