Топ
Скопјанецот кој уби човек во Хром и го запали во станот може да добие доживотен затвор, мајката што донела бензин помала казна
Скопјанецот кој минатата недела со над 45 убоди усмрти човек во Хром и го запали станот заедно со мајка му за да сокријат дека е убиен може да добие доживотен затвор. Против него ќе биде поведена истрага за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1, како и за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Што предвидуваат овие членови од КЗ?
Член 123, став 2, точка 1: „Со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што друг ќе лиши од живот на свиреп или подмолен начин“.
Член 292, став 1 „Ако поради делото настапи тешка телесна повреда на некое лице или поголема имотна штета, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години“, во врска со член 288, став 1 „Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“
Тој попладнево беше уапсен од полицијата.
Неговата мајка, пак, веќе е во притвор во времетраење од 30 дена. За неа има една кривична пријава, и тоа по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик, односно истиот член за кој се товари и синот.
Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото.
По настанот, тој се јавил повеќепати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп: Луѓето што ги гледавме како идни лидери на Иран се мртви
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои голема неизвесност околу иднината на Иран по ескалацијата на војната на Блискиот Исток.
Тој рече дека дел од иранските функционери кои САД ги сметале за можни идни лидери на земјата загинале во заедничката американско-израелска кампања на бомбардирање.
„Повеќето луѓе што ги имавме на ум се мртви“, изјави Трамп на почетокот на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа. Тој додаде дека е можно новиот лидер на Иран да биде исто толку лош како врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен во напад минатата сабота.
Коментарите на Трамп доаѓаат во момент кога израелските сили заземаат нови подрачја во јужен Либан и наредија евакуација на најмалку 80 либански села.
Израелската војска соопшти дека мерката има за цел да ги заштити израелските погранични градови од ракетните напади на Хезболах, милиција поддржана од Иран. Во исто време, израелски борбени авиони извршија силни воздушни напади во близина на Бејрут и иранскиот главен град Техеран.
САД ги затворија своите амбасади во Саудиска Арабија и Кувајт откако беа погодени со дронови и ги повикаа американските државјани веднаш да напуштат 14 земји на Блискиот Исток.
Иранската државна телевизија ИРИБ објави дека ирански дрон погодил област во близина на американскиот конзулат во Дубаи. Канцеларијата за медиуми на владата на Дубаи соопшти дека пожарот предизвикан од инцидентот со дрон е ставен под контрола и дека нема повредени.
Трамп изјави дека одлуката за воена операција била донесена за да се спречи можен напад од Иран.
„Преговаравме со тие луѓе, а моето мислење беше дека ќе нападнат први“, рече тој.
На прашањето дали Израел го притиснал да започне воена акција, Трамп одговори: „Ако ништо друго, можеби јас го поттикнав Израел“.
Американски официјални лица запознаени со разузнавачките податоци, сепак, велат дека Трамп ја преувеличил непосредноста на заканата од Иран.
Во официјалното известување испратено до Конгресот, Трамп наведе дека нападите врз Иран се изведуваат за заштита на САД, американските сили на Блискиот Исток и за одбрана на регионалните сојузници, меѓу кои и Израел.
Тој нагласи дека не постои временска рамка за завршување на воените операции.
„Иако САД се стремат кон брз и траен мир, во овој момент не е можно да се предвиди целосниот обем и траење на воените операции“, напиша Трамп во писмо до сенаторот Чарлс Е. Грасли, привремен претседател на Сенатот.
Од саботата, кога САД и Израел започнаа напад врз Иран, а Техеран возврати со стотици дронови и ракети, загинале повеќе од 800 луѓе, најмногу во Иран, но и на други места на Блискиот Исток.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.

