Топ
Скопјанец под истрага за нелегална набавка на хашиш од Албанија

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага против скопјанец кој е осомничен дека од Албанија набавил хашиш смола и хашиш масло со намера да ги продава во Скопје.
Според првичните сознанија, осомничениот 29-годишник, на 13 јануари, од непознато лице во Албанија набавил 1.300 милилитри хашиш смола и 500 милилитри хашиш масло. Дрогата му била донесена во Струга, каде ја ставил во багажникот од својот автомобил, со намера да ја пренесе и да ја продава во Скопје. Во близина на наплатната рампа кај Гостивар, полициски службеници извршиле проверка на возилото и ја пронашле дрогата спакувана во пластични шишиња.
Судот на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Курти претстави шест услови за формирање ЗСО

Косовскиот премиер Албин Курти постави шест услови за прифаќање на формирањето на заедницата на општини со српско мнозинство, меѓу кои е и онаа да се формира по конечниот договор со Белград и да нема извршни овластувања.
Првиот услов е Унијата да биде во согласност со Уставот и законите што се во сила во Косово, вториот е да не може да биде еднонационален, третиот е да ѝ се смени името и четвртиот е да не може да има која било јавна или извршна власт.
Според Курти, заедницата мора да ѝ служи на хоризонталната соработка на општините во согласност со Уставот и законот за самоуправа. Потоа, правата на малцинствата треба да се воспостават на принципот на реципроцитет, што значи дека секое право на Србите во Косово треба да биде и за Албанците во Србија.
Како предуслов го наведе затворањето на нелегалните структури на северот на Косово и прифаќањето на повелбата на ОН за меѓудржавни односи и непопречување на апликацијата на Косово во Европската Унија.
Петтиот услов е заедницата да биде дел од конечниот договор и да се формира по меѓусебното признавање.
Шестиот услов е претседателот на Србија да ги повлече писмата испратени на адресите на петте земји членки на ЕУ и другите да не го прифаќаат Косово како членка на Европската Унија.
Курти во обраќањето пред пратениците во собранието во Приштина побара од високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел, да повикува на чести и редовни средби за да се постигне конечен договор.
Македонија
Апасиев: Партиската полиција на Спасовски не престанува со тортурата врз левичарите

Непосредно пред одбележувањето на годишнината од раѓањето на таткото на македонската нација – Гоце Делчев, повеќе членови на Централниот комитет на Левицата, како што велат од партијата, без никаков повод и причина, утрово координирано биле повикани на информативен разговор во полициските станици во Македонија.
„Партиската ПОЛИЦИЈА на Спасовски не престанува со тортурата врз левичарите. Сабајлево, десетина модератори на локалните разграноци на Левицата во Македонија беа повикани на информативен разговор во полициски станици!“, велат од Левицата.
Од партијата додаваат дека Владата и министерот Спасовски продолжуваат со тактиките за заплашување и притисок врз Левицата како единствена антифашистичка партија со теренска поддршка бидејќи, како што велат, целта е да се задуши народниот антифашистички порив.
Инаку, претходно беше најавено за сабота засилено полициско обезбедување, а на настанот ќе присуствува државниот врв и, како што соопшти претседателот Пендаровски, се работи за настан од висок ризик.
Регион
(Видео) Хаос во српскиот парламент, пратениците се упатија кон Вучиќ со извици „предавство“

Целосен хаос во српското собрание следуваше во попладневниот дел од расправата кога пратениците од опозицијата, пред сè, на Двери и Заветник, се упатија кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Првин извикувале „предавство, предавство“, „Косово е срцето на Србија“, а потоа отишле на местото каде што тој седел.
Во исто време пратениците на СНС станаа и исто така се упатија кон масата на претседавачот. Во оваа турканица, која траеше 15-ина минути, во салата влезе и собраниското обезбедување.
Српскиот претседател Вучиќ, кој седеше во тоа време, ги повика пратениците на СНС да бидат смирени и да ѝ дозволат на опозицијата „да си го покаже своето лице“. Тој рече и дека опозициските парламентарци ѝ нанеле огромна штета на Србија со циркусот што го создале во парламентот.
„Од вас ќе ги браниме Косово и Србија“, им порача тој на оние што скандираа „предавство“ и „оставка“.
Ваквата атмосфера, на работ на инцидент, настана кога лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, го повика Собранието да го отфрли француско-германскиот предлог за Косово и по неговите обвинувања против владата за која рече дека сака да изврши предавство.
„Не се надеваа дека нема да го признаеме Косово во ОН, јас реков дека нема да дозволиме Косово да влезе во ОН. Тоа е единственото нешто на што се надеваат, да се разбереме, бидејќи тоа е единственото нешто што ги интересира. Ние покажавме дека сме подготвени да слушаме, а тие не се подготвени да слушаат“, изјави претседателот Вучиќ.