Црна хроника
Со бензин го полеале и го запалиле возилото кога ги сопрела полиција за проверка

Жители на Крива Паланка со бензин го полеале и го запалиле возилото кога ги сопрела полицијата за да изврши проверка. Како што информира МВР, вчера во 11 часот, во с. Жидилово, Кривопаланечко, полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка запреле патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од О. М. (29) од Крива Паланка, а како сопатници биле затекнати лицата Г. Ѓ. од с. Жидилово и Х. С. од Крива Паланка.
При проверката полициските службеници констатирале неисправности на возилото по што возачот не ги потпишал документите. Притоа, од возилото излегол сопатникот Г. Ѓ., кој почнал да ги омаловажува полициските службеници и се јавил на ќерка си да донесе бензин. Додека полициските службеници влегувале во службеното возило, дошла Ј. Ѓ., која донела шише со бензин, по што О. М. го испрскал внатрешниот дел од возилото и го запалил, а возилото целосно изгорело.
Била повикана екипа на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, а лицата биле приведени во Полициската станица Крива Паланка и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Пушки, пиштол и муниција пронајдени во Демирхисарско: уапсено едно лице

Денеска, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар заедно со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Демир Хисар го лишиле од слобода М.С.(62) од с.Обедник, демирхисарско.
Врз основа на наредба од Основен суд Битола извршен бил претрес во домот и помошните простории кои ги користи М.С. во с.Обедник, при што биле пронајдени и одземени четири пушки, еден пиштол и 158 куршуми различен калибар.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Едно лице тешко повредено во Аеродром, го нападнале поради недоразбирање во сообраќајот

Едно лице е тешко повредено во Аеродром, го нападнале неколку лица поради недоразбирање во сообраќајот.
Според информациите во МВР, синоќа околу 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, Р.Ж.(56) од Скопје бил физички нападнат од неколку лица. Тој со тешки телесни повреди е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Тешко повреден малолетен пешак во Скопје, во него удрил автомобил

Малолетен пешак е тешко повреден во сообраќајна несреќа што се случила во Скопје.
Според информациите на МВР, вчера во 15.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Индира Ганди“ во Скопје, патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Ј.(22) од Скопје, удрило во малолетен пешак од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.