Топ
Тешка сообраќајка на патот за Козјак, повредени седум лица меѓу кои и малолетници
На локалниот пат Скопје – ХЕЦ Козјак синоќа се случила сообраќајна незгода меѓу два автомобила марка „опел“ во која повредени се седум лица, меѓу кои и двајца малолетници.
Како што информираат од МВР, едниот опел бил управуван од Р.В. (27) од Скопје, а другиот го управувала 40-годишна скопјанка со иницијали Л.Ќ.
Во незгодата со тешки повреди се здобиле возачот Р.В. и малолетен сопатник од другото возило, а со повреди се здобила и Л.Ќ, како и сопатниците од двете возила И.С. (68), М.С. (64), Д.Г.(27) и малолетник, сите од Скопје.
На местото на настанот увид извршила екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.
Македонија
Обвинителството да ги истражи наводите за мафијашките притисоци, уцени и злоупотребата на системот од Филипче и Заев за остварување на клановските цели, бара ВМРО-ДПМНЕ
„Нема пора во општеството каде што СДС под менторство на Зоран Заев и Венко Филипче со мафијашки методи не владееле. Кризните ситуации и состојби во државата ги претворале во можност и шанса за нивно богатење, наместо да работат за да им помогнат и олеснат на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Така и во ек на вонредна состојба за време на ковид пандемијата, Филипче и Заев наместо да се грижат за здравјето на граѓаните, политичката моќ ја користеле за да ја преземат приватната болница Жан Митрев.
Ова го потврди самиот др. Жан Митрев, кој во своето јавно сведоштво ја разоткри вистината за начинот на кој со притисоци, уцени и злоупотребата институциите Заев и Филипче ја водеа државата за свои лични интереси.
Тандемот Филипче-Заев сакале сами да ја одредат вредноста на болницата, а за возврат нуделе „помош“ во судска постапка на докторот Жан Митрев, што е класична уцена и злоупотреба на власта.
Овие обвинувања за кланот Заеви и чуварот на фотелјата на СДС, се надоврзуваат на долгата низа сомнежи за злоупотреби на системот за бенефиции и придобивки, како и афери поврзани со Заев и Филипче, златни визи, имот и бизниси во Дубаи, фирми во странство и сомнителни финансиски трансакции и што ли уште не.
Ова не е политика наменета за граѓаните и државата, туку е мафијашки модел на дејствување за лични клановски придобивки.
И денес Филипче се обидува да се претстави како ново лице на политичката сцена, но всушност е човек обременет со своето минато кој само седи на партиското столче на Заев и ги спроведува истите политики, со истите луѓе, истите шеми и истата злоупотреба.
Оттука се поставува едноставно прашање, на кое и Филипче и СДС треба да дадат јасен одговор. Дали човек со ваков сериозен багаж на скандали, сомнежи и тврдења за злоупотреба на власта може да има кредибилитет да води партија?
Но, наместо одговорност и повлекување, сведоци сме на уште поголема ароганција и молк од Филипче, затоа сега правдата е таа која треба да зборува.
Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги истражи сите наводи за мафијашките притисоци, уцени и користењето државата и институциите од страна на Филипче и Заев за приватни, односно, за остварување на клановските цели.
Не треба да има недопирливи, законот треба да важи подеднакво за сите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Граѓаните поблиску до ЕУ роаминг без дополнителни трошоци, велат од Министерството за дигитална трансформација
Министерството за дигитална трансформација известува дека измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации (ЗЕК) се влезени во владина процедура и истите се објавени на ЕНЕР. Со овие измени, Македонија ги исполнува правните обврски за усогласување со европските стандарди во областа на роамингот, со јасна цел – повеќе заштита, поголема транспарентност и пониски и предвидливи трошоци за граѓаните при користење мобилни услуги во роаминг во земјите членки на Европската Унија.
Република Македонија веќе е дел од регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, со кој граѓаните користат мобилни услуги во земјите од регионот под услови како дома, без дополнителни роаминг-трошоци, велат од Министерството за дигитална трансформација.
Со измените и дополнувањата на ЗЕК се создаваат услови за воспоставување јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите, зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации, укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство, соопшти Министерството за дигитална трансформација.
Со предложените измени се врши усогласување со:
Директива (ЕУ) 2018/1972 за донесување на Европски законик за електронски комуникации;
Регулатива (ЕУ) 2022/612 за роаминг во јавни мрежи за мобилна комуникација во рамките на Унијата;
Регулатива (ЕУ) 2016/2286 за фер користење и методологија за процена на одржливоста на укинувањето на дополнителните роаминг-надоместоци;
Делегирана регулатива (ЕУ) 2021/654 за единствена максимална цена за завршување говорни повици во мобилни и фиксни мрежи;
Регулатива (ЕУ) 2018/1971 за основање на Телото на европските регулатори за електронски комуникации (БЕРЕК) и Канцеларијата на БЕРЕК.
Министерството за дигитална трансформација очекува дека Владата ќе го утврди текстот на законот до крајот на месецот, а во февруари тој ќе се најде во собраниска процедура и ќе биде усвоен.
Со овој чекор, Министерството за дигитална трансформација и Владата ги исполнуваат условите за постигнување на исти трошоци за повици, пораки и интернет пакети за македонските граѓани, кога тие патуваат или престојуваат во ЕУ. По ова, ќе следува донесување на три подзаконски акти од Агенцијата за електронски комуникации, по што сите овие активности ќе бидат споделени со Европската комисија на нивна валидација.
На овој начин, македонските граѓани ќе ги уживаат придобивките од единствената европска роаминг зона, без дополнителни непредвидени давачки и трошоци, на ист начин како граѓаните на ЕУ, велат од Министерството за дигитална трансформација.
Текстот на предлог-законот е објавен на платформата ЕНЕР каде што сите заинтересирани страни ќе можат да достават коментари и предлози, документите се достапни на следниот линк

