Топ
Тешка сообраќајка на патот Охрид – Свети Наум, почина 27-годишен битолчанец
На регионалниот пат Охрид – Св. Наум, на крстосницата за комплексот „Инекс“, синоќа околу 01.40 часот по полноќ се случила сообраќајна незгода во која едно лице починало и има неколкумина тешко повредени.
Како што информираат од МВР, во сообраќајката учествувале автомобил „цитроен Ц3“, со битолска регистрација, управуван од 27-годишен битолчанец, „голф“ со охридска регистрација, управуван од 23-годишник, од охридското село Лескоец и „фолксваген пасат“, со прилепска регистрација, управуван од 26-годишен возач од прилепското село Мало Коњаре.
Од здобиените тешки повреди, во болницата „Св.Еразмо“ починал 27-годишникот од Битола. Со тешки повреди се здобиле и сопатници во неговото возило: лица на возраст од 27 и 23 години од Битола и Струга. Тие биле примени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тешко повредено е уште едно лице од Битола, но тоа е задржано во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Таму била згрижена и сопатничка од истото возило, 25-годишна скопјанка, која се здобила со телесни повреди.
Во истата болница за укажување на лекарска помош е пренесена и 23-годишна охриѓанка, сопатник во возилото „голф“, додека по укажана лекарска помош, на домашно лекување се пуштени возачот на „голфот“ и сопатник од Охрид.
На местото на незгодата увид извршиле Јавен обвинител, судски вештак и полициски екипи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
Македонија
Филипче го повика Жан Митрев да оди кај обвинител и да поднесе кривична, најави и тужби: „Ова не е политика, сега ќе ги тужам“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рече, јавен линч против него преку лаги, манипулации и црна кампања.
Филипче изјави дека секојдневно е цел на неосновани обвинувања, вклучувајќи тврдења за имот, патувања и споредби со убијци, оценувајќи дека ваквите напади ги надминале сите граници на политичка борба. Особено реагираше на обвинувањата поврзани со доктор Жан Митрев, нагласувајќи дека станува збор за тешки и невистинити наводи и најави тужби.
„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе. Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, рече Филипче.
Го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон.
„Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави. ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, додаде Филипче.
Во обраќањето, обвини дека власта намерно дефокусира од, како што ги нарече, вистинските проблеми – буџетскиот дефицит од две милијарди евра, ниските плати и пензии, прашањето со мигрантите, корупцијата, тендерските постапки и исплатите преку државни институции.
Тој оцени дека ваквата политика ја турка државата кон изолација и создава одбивност кај граѓаните кон политиката, наместо да се зборува за подобар животен стандард, европска иднина и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

