Топ
Уапсени двајца скопјани: предизвикале пожар на две товарни и едно патничко возило кај спортскиот центар „Јане Сандански“
Денеска, во 02:20 часот во СВР Скопје е пријавен дека на паркинг простор од Спортскиот центар „Јане Сандански“ на подрачје на општина Аеродром во Скопје биле опожарени товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки и товарно возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, двете сопственост на правно лице од Скопје и патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Е.С. од Прилеп.
Во 02:50 часот пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а по преземени мерки и активности на полициски службеници од Полициската станица Аеродром и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, поради сомнение дека го предизвикале пожарот, на булеварот „АСНОМ“ од слобода се лишени Ф.Ц.(23) и И.Ц.(24), двајцата од Скопје.
Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Страв во Мала Речица“ – ВЛЕН прашува кој ќе оди курбан со Груби
Дали Артан Груби ќе му го зададе фаталниот удар на Али Ахмети и ДУИ, прашува ВЛЕН во првата реакција по апсењето на екс-вицепремиерот и еден од првите луѓе на ДУИ, Артан Груби.
„Црната кутија за владеењето на ДУИ конечно се предаде. Артан Груби е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ. Затоа, Мала Речица се тресе од страв за тоа што не знаат за што се е подготвен да прозбори Артан. Откако катастрофално изгуби ДУИ на локалните избори и паднаа во вода сите лажни ветувања на Ахмети за предвремени избори и наводен влез во Влада, на Артан не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови. Но кој се ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, се вели во реакцијата.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.
Регион
Радев: Украина сè уште има работа пред да се приклучи кон ЕУ, не треба да го заборавиме Западен Балкан
Во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“, поранешниот бугарски претседател Румен Радев, кој неодамна поднесе оставка и најави влез во трката за премиер изјави дека неговото влегување на парламентарната политика се должи на протестот на Бугарите во декември.
„Тоа е одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања за трансформација на Бугарија во демократска, модерна и слободна европска држава. Масовните граѓански протести во декември низ цела Бугарија, како и во европските градови како Берлин, доведоа до оставка на бугарската влада. Сакаме бугарските граѓани да се чувствуваат целосно слободни, без да зависат од какви било олигархиски интереси и да имаат можност да го развијат својот потенцијал во својата земја“,изјави Радев.
Тој смета и дека завршувањето на војната во Украина бара повеќе дипломатија. Досега, како што вели, фокусот беше ставен на воена и економска помош за Украина, но дипломатските средства не беа доволно искористени. Веќе постои промена во ставот на европските лидери и пореалистичен пристап кон војната во Украина, пренесе БГНЕС. бг.
„Лидери како претседателот Емануел Макрон почнаа да зборуваат за продолжување на дијалогот со Русија и да дискутираат за идната безбедносна архитектура во Европа. Треба да разговараме со Русија бидејќи без дијалог, безбедносната архитектура ќе се базира на ривалство и постојан воен начин на размислување. Како поранешен командант на воздухопловните сили, многу ги ценам инвестициите во одбраната, но мора да бидеме свесни и за долгорочните последици за нашата економија и општествени системи“, рече Радев.
Додаде дека Украина и нејзините граѓани заслужуваат поддршка во ова исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхашките критериуми. Радев вели дека земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото.
„Не смееме да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ“, додаде тој.
Радев зборува и за Македонија, споменувајќи дека земјата според договореот од 2022 година мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи , и само тогаш можат да почнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да го видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, рече Радев.

