Топ
Уапсен Алил Демири, доживотно осуден за убиствата кај Смилковското Езеро

Денеска, полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода 38-годишниот Алил Демири, извести МВР.
„Врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на РСМ, баран врз основа на наредба на Основниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело тероризам, предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија“, соопшти МВР.
По масакрот на 12 април 2012 година, во Косово побегнаа Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
Алил Демири кој денеска беше уапсен во Косово по распишана потерница од Министерството за внатрешни работи два пати беше осуден на доживотен затвор како извршител на убиството на четирите момчиња и рибарот, што се случи на 12 април 2012 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена „од чесност и срце“, со уверување дека СДСМ треба да се врати „таму каде што и е местото“.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира „по инерција“ или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека „не може да молчи“ кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има „целосно прецизна стратегија“ со цел обединување авторитети.
Костадинов најави дека конечната одлука за неговото идно делување ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.
Македонија
СДСМ објави 11 нови кандидати за градоначалници

Претседателот на Социјалдемократскот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата која се однесува на давање согласност за кандидатури на градоначалници за претстојните локални избори.
Одлуката се однесува на кандидати за градоначалници за 1о општини, додека пред две недели беа објавени 19 кандидидати за градоначалници.
Во општина Пехчево кандидат за градоначалник ќе биде Златко Николовски, член на Централниот одбор. Во општина Босилово, Мариче Кармазичева. Понатаму за Куманово организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски. Во Карбинци Љупка Соколовска, во Василево, Ванчо Новоселски. Во Сопиште претседателот на општинската организација, Звонко Васев. Кандидат за градоначалник во Јегуновце ќе биде Дарко Блажевски, градоначалник во претходниот мандатот од 2017 до 2021 година. Во Охрид кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација,Асен Шајн. Во Демир Хисар, Златко Кузмановски, претседателот на општинската организација. Во Струмица, кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски и во Дебарца исто така претседателот на општинската организација, Љупчо Паункоски.
Филипче изјави дека процесот на селекција, исто како и претходниот, ги следел истите критериуми, анализа на резултатите од анкетите, разговори со членови на општинските организации.
Македонија
„Пулс“ ќе се суди во Основниот кривичен суд Скопје, предметот е доставен

Основниот суд во Кочани денеска го достави предметот за пожарот во „Пулс“ во Основниот кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд.
Врховниот суд го утврди Основниот кривичен суд Скопје како надлежен суд за постапка по обвинителниот акт за пожарот, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Одлуката е донесена поради недостаток на доволен број судии од кривична област без законски пречки во основните судови во Штип и Струмица.
Основниот кривичен суд Скопје ќе распредели обвинителниот акт преку системот АКМИС. По приемот, обвинението ќе биде доставено до обвинетите, по што ќе почне да тече рокот од осум дена за приговор.
Јавното обвинителство на 13 јуни поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за кривично дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден обвинет за примање мито поврзано со издавање лажни лиценци за работа на објектот. Дел од истражните постапки за некои лица се прекинати поради недостаток на докази.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски истакна дека постапката е прекината и за 11 лица, вклучително и двајца поранешни министри.