Топ
Уапсен 59-годишен маж кој им испраќал еротски фотографии на малолетнички на „Фејсбук“
Полицијата приведе 59-годишен маж од село Ораовица, Радовишко, со престојувалиште во село Ерџелија, Светиниколско, кој е обвинет дека им испраќал еротски фотографии на малолетнички на „Фејсбук“.
Како што соопшти МВР, полицијата вчера го приведе Б.Т.(59) од , поради постоење основи на сомнение дека преку социјални мрежи намамувал малолетничка на обљуба.
„Извршен е претрес во домот на М.А.(63) во село Ерџелија, каде престојувал Б.Т., при што одземен е мобилниот телефон кој го користел осомничениот. По целосно документирање на случајот, против Б.Т. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“, соопшти МВР.
Осомничениот им испраќал еротски фотографии на малолетнички и им се заканувал дека ќе бидат киднапирани и силувани ако кажат некому за пораките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..

