Топ
Фатени двајца крадци кои ограбиле пет маркети во Охрид
МВР соопшти дека поднеле кривични пријави против две лица кои се сомничат за пет кражби во Охрид.
Едниот е на 52-годишна возраст и е од Скопје, додека вториот осомничен е неготичанец на возраст од 28 години.
„Пријавените, кражбите ги извршиле во периодот од 30 август до 15 септември 2019, во пет маркети во Охрид, каде влегувале со употреба на сила и одземале разни предмети. Првопријавениот, исто така, изготвил и лажна лична карта за да го прикрие својот идентитет“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Државниот архив со неповолна ревизија: Неевидентирани објекти, слабости во пописот и пресметката на платите
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики на Државниот архив за 2024 година.
Врз основа на извршената ревизија, Заводот изрази неповолно мислење и за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со релевантните прописи.
Во 2016 година, Архивот добил исто така неповолно мислење за финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со закони. Во 2018 година, Заводот извршил преглед на спроведувањето на препораките од тогашната ревизија – од девет дадени препораки, две биле спроведени, четири делумно, а три биле сѐ уште во тек.
Со извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година, утврдиени се следниве состојби:
– слабости во начинот на спроведување на пописот на средствата и обврските и неизвршено усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот;
– за дел од објектите сопственост на Државниот архив не постојат докази дали истите се евидентирани во деловните книги и не се преземени активности за осигурување на постојаните средства;
– не се врши ажурно и хронолошко евидентирање на движењето на залихите на публикуваните изданија;
– неисполнување на основните услови кои треба ги поседуваат депоата на Државниот архив со цел да се заштити архивскиот материјал, како и условите за заштита од неовластен пристап до архивскиот и документарен материјал;
– слабости при пресметката на платите;
– не е воспоставено вршење на внатрешната ревизија, што укажува на не воспоставен механизам кој ќе обезбеди подобрување на работните процеси и зајакнување на внатрешните контроли и
– слабости во спроведувањето и реализацијата на постапките за јавни набавки.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите. Во делот на нагласување на прашања обелоденети се следните состојби:
– во актот за систематизација на работните места не се предвидени сите нивоа на работни места на административни службеници;
– слабости во начинот на пополнување на испразнетите работни места со договори на определено време;
– ново доделениот објект не е во согласност со стандардите за архивско работење, што влијае на основната дејност на Државниот архив
– чување на архивскиот материјал кој претставува културно историско наследство од посебен национален интерес за државата и
– судските постапки во кои Државниот архив е тужена страна што може да има финансиски импликации во иднина.
Во делот на останати прашања ревизорите известуваат за изменување и дополнување на законската регулатива во насока на уредување на начинот на избор на заменик директор на Државниот архив, условите кои треба да ги исполнува како и утврдување на неговите надлежности. Во текот на ревизијата од страна на Државниот архив на Република Северна Македонија извршени се сметководствени корекции по дадените препораки од Државниот завод за ревизија кои предизвикуваат промени во финансиските извештаи. Од страна на одговорните лица на Државниот архив на Република Северна Македонија за периодот предмет на ревизија доставена е забелешка на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, истата е разгледана и не е прифатена од причина што не се доставени нови докази за промена на утврдениата состојба.
Македонија
Филков: Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде резултат на договори, туку процес заснован на заслуги
Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност, рече министерот за правда, Игор Филков, на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК.
Тој информира дека на последната седница Владата го усвои новиот Закон за Советот на јавни обвинители, со кој се воведува повисок цензус и јасни критериуми за избор на членови од редот на обвинителите, како и транспарентна и инклузивна постапка за членовите што ги избира Собранието.
„Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност. Секоја одлука на Советот – за избор, унапредување, дисциплинска одговорност или разрешување – ќе биде задолжително образложена и јавно објавена, со што транспарентноста станува законска обврска“, рече Филков.
Министерот истакна дека измените се резултат на констатирани слабости во правосудниот систем во изминатиот период, како што се долготрајни постапки, случаи на корупција, недоволна транспарентност и отсуство на ефективна одговорност.
„Со овие законски решенија директно ги адресираме овие проблеми. Подготвивме измени на триесеттина закони, од кои најголемиот дел се од суштинска важност за правосудството. Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно“, истакна Филков.
Министерот за правда кажа дека непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Тој додаде дека обезбедувањето целосна независност и зголемувањето на ефикасноста на правосудството се јасен приоритет на Владата и Министерството за правда, при што во подготовката на новите законски решенија посебен фокус е ставен на изборните и дисциплинските механизми, во согласност со европските стандарди.
Филков информираше дека реформите во Судскиот совет веќе се реализираат. Со новиот закон, рече тој, се утврдени јасни критериуми за избор и разрешување, заострени се условите за професионално искуство и прецизиран е терминот „истакнат правник“.
„Воведени се јавни расправи при изборот на несудските членови, како и јавен и транспарентен оглас за членовите што ги избира Собранието. Детално е уредена дисциплинската постапка за членовите на Советот, со јасно дефинирани основи за одговорност и состав на дисциплинската комисија. Предвидена е и итна постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд, која не може да трае подолго од шест месеци“, рече Филков.
Министерот изрази очекување дека Законот за јавно обвинителство наскоро ќе биде усвоен во Собранието. Тој кажа дека во него се вградени европски препораки, воведен е јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на јавните обвинители, како и прецизни рокови за постапките.
„Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети“, нагласи Филков.
Со законските измени, појасни тој, се предвидуваат и прецизни основи за престанок на функцијата, вклучително и во случаи на правосилна осуда за кривично дело против службената должност.
Дисциплинската постапка ќе мора да заврши во рок од шест месеци, а во посложени случаи најдоцна до девет месеци. Согласно препораките на ГРЕКО, се воведува градација на дисциплинските повреди на лесни, потешки и најтешки.

