Топ
(Фото) Откриена и одземена поголема количина прехранбени производи во близина на Танушевци

На 25.02.2025 во 14.30 часот во близина на село Танушевци, скопско, при преземање мерки и активности, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Танушевци пресретнале возило комби со косовски национални ознаки, кое се движело кон границата со Kосово.
Притоа, откако ги забележале полициските службеници, две лица го оставиле комбето и побегнале кон границата со Косово.
Додека, при преглед во возилото биле пронајдени 180 пакети со по 11 килограми прехранбени производи, кои биле без соодветна документација. Возилото со производите било одземено и предадено за понатамошна постапка.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски: СДСМ ги повлекува сите амандмани, бараме средства за справување со пожарите и настраданите во Кочани

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција најави дека СДСМ и коалицијата ќе ги повлечат сите преостанати амандмани на предложениот ребаланс на буџетот и ќе поднесат два нови – целосно насочени кон справување со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани и тековните пожари низ државата.
„Прво, еден комисиски амандман, ќе побараме Комисијата за финансирани буџет да го прифати, а кој што ќе се однесува за последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и за кој што ќе обезбедиме средства и за посебното законско решение за обесштетување на семејството на починатите, меѓутоа и за сите коишто се повредени од овој пожар. И вториот амандман кој што ќе го побараме, е да донесеме, односно да се прифати, амандман со кој што ќе одделиме финансиски средства, а за јакнење на капацитетите за справување со пожари“, рече Спасовски.
При тоа Спасовски посочи дека не може да има никакви оправдувања во однос на тоа дека има недостаток на пожарникари, недостаток на финансиски средства, недостаток на опрема.
„Ние сметаме дека државата, односно парламентот, ја има таа можност, меѓутоа ја има и обврска пред граѓаните преку определување на финансиските средства, пред сè да се обезбедат средства за вработување на пожарникари коишто токму за вакви моменти ќе се најдат на државата и на граѓаните. Второ, за зголемување на платите на пожарникарите во државата, заради тоа што не може и не смее државата да се сеќава на оваа категорија на работници, само во моменти кога имаме криза и кога тие се справуваат со таа криза“, рече Спасовски, додавајќи дека државата треба да помогне и во делот на финансиски средства за обесштетување, заради тоа што во пожарите има изгорени куќи, викенд куќи, фабрики.
„Еве ова се нашите две теми за коишто сметаме дека може да се постигне единство, може да се постигне консензус, и токму таа порака на соработка на единство и на консензус може да се покаже во овие моменти во кои што не треба да има различни погледи, не треба да има никакви поделби по ниту политичка, ниту било каква друга основа, туку напротив, да покажеме на граѓаните дека сме заедно, сплотени, единствени и таквата порака на соработка да ја покажеме токму во моменти кога најмногу е потребно за граѓаните на Македонија“, порача Спасовски.
Тој истакна дека ребаланост на Буџетот е нереален, и популистички и дека е буџет кој што предвидува повеќе средства отколку што за тоа има економска активност. СДСМ имаше над 160 амандмани во вредност од околу 11 милијарди денари.
Македонија
МНР го осуди говорот на министерот Георг Георгиев, бугарскиот амбасадор повикан на разговор

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на Република Северна Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.
Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството.
Од таму велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.
Георг Георгиев изјави дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече Мицкоски, „северномакедонскиот“ премиер.
Тој, исто така, кажа дека Мицкоски спроведува кризен пи-ар, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
ФОТО: ЕПА
Македонија
Ангелов со апел до граѓаните: Пријавете на 112 ако видите сомнително однесување поврзано со пожарите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска упати силен апел до граѓаните да пријават какво било сомнително однесување на лица, поврзано со пожарите, откако биле откриени докази за намерно подметнати огнови на повеќе локации во земјава.
„Доколку забележите лице со сомнително однесување, веднаш пријавете на бројот 112 или во најблиската полициска станица“, изјави Ангелов на прес-конференција во Владата.
Во моментов, според податоците, во земјава има пет активни пожари, додека уште пет се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие, биле изгаснати 66 пожари на отворен простор.
Ангелов информираше дека на терен се забележани дрвени палети полиени со бензин, гуми и шишиња со запаливи течности, што укажува на обиди за подметнување на пожари.
„Синоќа кај Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а во друг случај лица со шишиња со бензин се обиделе да подметнат пожар“, рече Ангелов.
На локации со зголемен ризик се спроведуваат засилени полициски патроли, вклучувајќи и цивилни служби. Според Ангелов, благодарение на овие мерки, бројот на пожари денес е значително помал и покрај сличните временски услови како вчера.
Дополнително, објавен е јавниот оглас за ангажирање на 400 невработени лица, од кои 80 во Скопје, за активности поврзани со превенција и заштита од пожари. Најдобрите кандидати ќе добијат можност за вработување во противпожарните служби и во новиот специјален тим за заштита и спасување.