Црна хроника
Четворица штипјани приредувале игри на среќа без лиценца
Единицата за финансиски истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на МВР во координација со истражителите од истражниот центар на Основното јавно обвинителство за ГОКК вчера (27.11.), поради постоење на основани сомненија за сторени кривични дела до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против четири лица и тоа: Ф.Д. (41) и Е.Д. (43) од Штип за сторено кривично дела по член 156 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавни игри а во врска со член 22 од КЗ, и по член 273 од КЗ („перење пари и други приноси од казниво дело“), како и против лицата Е.Д.(19) и Ф.Р (34) исто така од Штип, по член 273 став 4 во врска со став 1 и 2 од КЗ.
Во рамки на вчерашните активности на Единицата, во содејство со ОЈО ГОКК, беа преземени и заокружени сите неопходни оперативни мерки за целосно документирање на случајот, при што беа обезбедени бројни материјални докази, а извршени се и претреси кај осомничените, и притоа беа пронајдени и одземени златен накит, четири луксузни патнички моторни возила, пет моторцикли и еден четирицикл.
Прво и второосомничените како соизвршители во периодот од 01.01.2020 година па наваму заеднички и по претходен договор, спротивно на одредбите од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во нивната семејна куќа во Штип, недозволено, преку глобална интернет мрежа, организирале и приредувале интернет игри на среќа. Сопружниците Ф.Д. и Е.Д. откако обезбедиле средства и компјутерска опрема, ангажирале лица коишто првоосомничената ги обучувала за користење на платформа за опслужување на заинтересирани клиенти, а второосомничениот им давал совети и обезбедувал електронска опрема, телефонски мобилни уреди и СИМ картички за вработените со што дал особен придонес во незаконските дејствија. Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, комуницирале преку апликациите за контакт Skype и Whatsapp нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа за што, според првичните сознанија, осомничените добивале одреден процент во криптовалути на “Електронски паричник“, сопственост на првоосомничената.
Со намера да го прикријат изворот на парите, нелегално остварените приходи што ги примале во криптовалути, потоа ги претварале во странска валута – долари или евра и ги пренесувале на “Електронски паричник“ сопственост на менувачница за размена на криптовалути.
Оттаму парите ги подигнувале во готовина, помал дел ги пуштале во промет трансферирајќи ги кон странски државјани со кои немале воспоставено должничко доверителски односи, а поголемиот дел ги внесувале во легални финансиски текови, ги уплаќале на своите денарски сметки и купувале движен и недвижен имот водејќи луксузен живот иако биле невработени, а дополнително и приматели на социјална помош.
Во прикривањето на изворот на парите учествувале и нивната ќерка и четвртопријавеното лице, така што примиле парични средства за кои биле должни и можеле да знаат дека се прибавени од казниво дело со приредување на игри на среќа преку глобална интернет мрежа, и ги пуштиле во оптек набавувајќи две патнички моторни возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Трагедија кај Македонски Брод: Загина 41-годишна жена во сообраќајка, меѓу повредените и 6-годишно дете
Трагична сообраќајна несреќа вчера попладне го однесе животот на 41-годишна жителка од Кичево. Според извештајот на полицијата, несреќата била пријавена во 14:41 часот на локалниот пат кон селото Русјаци, во општина Македонски Брод.
Патнички автомобил „цитроен“ со кичевски регистарски таблици, којшто бил управуван од К.С.С. (41) од Кичево, излетало од коловозот и се превртело. Од тешките повреди здобиени од ударот, 41-годишната кичевчанка загинала на самото место на настанот.
Лекар од медицинската помош констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е пренесено на обдукција.
Во несреќата телесни повреди здобиле и тројца сопатници во возилото: С.С. (69), М.С. (62) и шестгодишно дете, сите жители на Кичево. Повредените лица се преземени во Општата болница во Прилеп. Нивната здравствена состојба во моментов не е позната.
На местото на пристигнала увидна екипа на СВР Битола.
Црна хроника
Гостиварец наседнал на лажна порака за пратка од „Пошта“, му украле 26.000 денари од картичката
Четириесет и двегодишен жител на Гостивар пријавил во полиција дека бил измамен за сума од 26.000 денари.
Според пријавеното, тој добил СМС порака со линк наводно на „Пошта на Северна Македонија“ за ажурирање на податоци за достава на пакет.
Како што е пријавено, верувајќи дека се работи за негова претходна нарачка, тој ги внел податоците од својата платежна картичка на лажната веб страница и набргу потоа од неговата сметка биле извршени пет трансакции кон различни субјекти, без негова согласност, по што сфатил дека е измамен.
Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.
Уште еден гостиварец беше измамен на истиот начин минатата недела. Како што тогаш објави „Макфакс“ 34-годишен жител на Гостивар останал без 89 илјади денари, откако добил СМС порака со известување и линк за наводна достава на пакет од „Пошта на Северна Македонија“. Кога влегол на лажна веб-страница и ги внел податоците од својата дебитна картичка, од неговата сметка биле извршени повеќе неовластени трансакции и биле повлечени вкупно 89.106 денари, кои завршиле кај примач во странство.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични и банкарски податоци на сомнителни линкови.
Црна хроника
Камион падна во провалија кај Крива Паланка, возачот загина
Рано утрово во 04:50 часот во ОВР Крива Паланка е пријавено дека на магистралниот пат Граничен премин Деве Баир – Крива Паланка, во атар на село Узем, кривопаланечко, товарно возило „сканиа“ со косовски национални ознаки, управувано од Н.Х.(56) од Косово, излетало од патот и паднало во провалија.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Н.Х., а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт.
Увид бил извршен, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
фото/илустрација/Depositphotos

