Црна хроника
Албанец под истрага за тешка сообраќајна несреќа кај Кавадарци
Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против државјанин на Република Албанија со привремен престој во Кавадарци, за кого постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
На регионалниот пат Р1103 Кавадарци-Мотел Дреново, на 29 септември, осомничениот под дејство на алкохол во крвта, управувал со товарно возило „Форд транзит“ во сопственост на кавадаречка фирма. Кога пристигнал кај местото викано „Лазово Мовче“, пред него се движела работна машина – трактор со приколка. На место забрането за престигнување, обележано со полна линија, во близина на кривина во лево, осомничениот започнал да го престигнува тракторот и тоа без да ја прилагоди брзината на возилото. Со предниот дел од камионот, при престигнување удрил во задниот дел на приколката. Тракторот излетал од коловозот во лево, а камионот се извртил странично на спротивната сообраќајна лента, удирајќи во автомобил „Мини купер“ со прилепски регистарски ознаки кој доаѓал од спротивен правец. Во несреќата, возачот на тракторот се здобил со тешка телесна повреда, со телесни повреди се здобил и возачот на прилепскиот автомобил, а шоферот на камионот го напуштил местото на настанот.
Бидејќи постои опасност од бегство, по предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Кавадарци определи мерка притвор во траење од 30 дена за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Тетовец измамил жена од Косово за 732 евра
Жена од Косово била измамена од Е.В.(45) од Тетово.
Според пријавеното во МВР, во текот на минатиот месец, во комуникација преку социјалните мрежи, тој ѝ ветил дека ќе ѝ среди во Скопје да полага испит по германски јазик согласно законските прописи и, откако се договориле, таа преку брз трансфер на пари му уплатила 732 евра.
Откако последните денови не им се јавувал, тие сфатиле дека биле измамени.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Скопјанец ги нападнал сопругата и малолетната ќерка, па кршел по дома
Полицијата вчера го приведе Ѓ.Р.(44) од Скопје, затоа што околу 11.00 часот во семејниот дом на подрачје на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија, физички ги нападнал својата 49-годишна сопруга и својата малолетна ќерка, а оштетил и дел од покуќнината.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветна пријава, објави МВР во дневниот билтен.
Црна хроника
Четворица искасани од кучиња скитници во Скопје
Четири лица пријавиле каснување од куче скитник во полициските станици во Скопје.
На 21.05.2024 во 12.00 часот во Полициската станица Чаир, В.П.(46) од Радишани, скопско, пријавила дека на ул.„48“ во Радишани била касната од куче скитник.
На 21.05.2024 во 18.40 часот во СВР Скопје, К.Т.(62) од Скопје пријавил дека на паркингот на Универзитет Св.„Кирил и Методиј“ бил каснат од куче скитник.
На 21.05.2024 во 20.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, К.К.(75) од Скопје пријавил дека на ул.„Новопроектирана“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 21.05.2024 околу 19.30 часот во Полициската станица Шуто Оризари, Б.С.(35) од Скопје пријавила дека на ул.„Брсјачка буна“ во Скопје, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.