Македонија
Спорните договори за вработување се само со потписот на Иљази – ДСЗИ влезе на Токсикологија
Државниот санитарен и здравствен испекторат извршил контрола на Клиниката за токсикологија во однос на договорите за вработување на лицата за кои постојат тврдења дека некои од нив се без соодветно образование. Од контролата било увидено дека овие договори го содржат само потписот на организациската директорка Бесија Иљази.
Директорката на Инспекторатот, Рената Младеновска, рече дека во согласност со законските одредби во однос на потпишувањето акти, медицинскиот и организацискиот директор имаат заедничка надлежност и кај потпишувањето на договорите за вработување, отказни решенија, јавни набавки.
„Ако овие акти се потпишани само од еден директор, во согласност со Законот за здравствената заштита се сметаат за непотпишани, но законодавецот не предвидел глоба по ова прашање“, рече Младеновска додавајќи дека ќе го информираат Министерството за здравство, кое има ингеренции да постапува ако договорите не се валидни, правниот сектор треба да се изјасни.
ДСЗИ претходно забрани лицата што немаат важечки договори за вработување да работат откога тие доаѓале на Клиниката со истечени договори на инсистирање на Иљази. На 15 мај, како што информира Младеновска, договорите биле потпишани со еден потпис.
Клиниката за токсикологија цел месец ја тресеа скандали за овие лица, кои и покрај тоа што немаа договори, доаѓаа на работа, а многумина од лекарите јавно се пожалија дека немаат комуникација со организациската директорка и реално имаат потреба од двајца дипломирани биолози и еден болничар. Кога докторите јавно ја прозваа Иљази дека не соработува со нив, не го зборува македонскиот јазик, не се знае ништо за нејзиното образование, клиниката е во долгови, а во моментот не функционира токсиколошката лабораторија и се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, Иљази ги потпиша договорите за вработување на договорците и наместо да одговори на критиките, донесе писмена наредба за забрана докторите да комуницираат со медиумите без нејзина согласнот.
Таа во текот на вчерашниот ден повикала еден новинар во својата канцеларија и дала изјава во која истакнала дека доктор Нико Беќаровски, кој гласно ѝ се спротивстави, е доктор од времето на друже Тито. Нагласи и дека разрешениот медицински директор доктор Данил Петровски еден ден пред таа да стане организациска директорка си ја вработил снаата, а немал можност да го вработи биологот и 18 лица, кои со години се вработени таму.
„Ги прекрши сите законски норми, ги држеше да работат без договори и без плати, ги тераше на дежурства и така продолжи до моето доаѓање. Сега кога го решивме нивниот проблем, тоа стана ‘голем проблем’“, додаде Иљази.
Минатата недела, министерот за здравство Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства што не добиле плата.
Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави во 2023 година.
Додаде дека го замолил веќе разрешениот медицински директор Данил Петровски пред изборите да ги продолжи договорите, но тој одбил. За разрешувањето на Петровски, Демири тврди дека тоа не било политичка кампања, туку биле констатирани неправилности во работата.
И покрај сите поплаки од вработените за организациската директорка на Клиниката, Иљази, министерот изјави дека таа ќе остане на својата позиција сè додека не го прекрши законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани, поранешниот генерален директор во МЕПСО и МЖ е кандидат за министер за европски прашања на Алтернатива
Орхан Муртезани е кандидатот од Алтернатива за министер за евроинтеграции, додека Љуљзим Алиу е предложен за заменик министер за образование, а Сафије Садики Шаини за заменик министерка за односи меѓу заедниците, информира Алтернатива.
Муртезани е поранешен генерален директор во МЕПСО и во Македонски Железници – Транспорт, како и актуелен секретар за односи со јавноста и портпарол на Алтернатива.
На оваа средба се разговарало и за кандидатот за заменик министер за образование и наука, при што исто така едногласно било одлучено да биде проф. д-р. Лулзим Алиу, универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, поранешен заменик министер за образование, а моментално секретар на Секретаријатот за стратегиски политики во Алтернатива.
„Бидејќи Алтернатива презеде одговорност и за заменик-министерот во Министерството за етнички заедници, за ова име Централното претседателство едногласно одлучи кандидат на Алтернатива за оваа функција да биде Сафије Садики Шаини – универзитетски професор, поранешен пратеник и потпретседателка на Алтернатива“, стои во соопштението.
На средбата се разговарало и за оставката на поранешниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, кој е избран на функцијата Претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Судејќи дека во интерес на партиското претставување е партијата да има претседател со полн легитимитет, Централното претседателство на Алтернативата одлучи да му предложи на Централното собрание да донесе одлука за организирање на вонреден конгрес за избор на новиот претседател на Алтернатива“, соопштија од партијата.
Македонија
Лифт потиснал и заробил куче, го спасија пожарникари од Прилеп
Центарот за управување со кризи информира за несекојдневна ситуација во Прилеп каде пожарникари спасиле куче заглавено во лифт.
„Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, покрај гасењето на пожарите во населени места и на отворено имале имале уште една помала техничка интервенција за безбедно извлекување на куче коешто било потиснато и заробено од лифт во ООУ ‘Кочо Рацин’. Интервенирано е со едно возило и двајца пожарникари“, велат од Центарот за управување со кризи.
Македонија
Филипче: Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура
„Сметам дека оваа организациска поставеност на партијата го дала својот максимум во некои минати времиња. Луѓето бараат нешто ново. Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура во којашто ќе слушнат наредба во која не учествувале. Сакаат да дадат свој придонес. А ќе дадат свој придонес кога ќе може да комуницираат на соодветен начин и соодветно ќе бидат вклучени и вреднувани“, истакна Венко Филипче на првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за избор на претседател.
Тој рече дека е овој модел на организација мора да се менува со цел да се прилагоди на потребите и начините на комуникација на луѓето во денешно време, но и да се обезбеди поголема и постојана вклученост на членовите.
Филипче смета дека е потребно основата на политиките и одлуките да доаѓаат од најниско кон највисоко ниво, каде на база на реалните потреби на граѓаните понатаму ќе обликуваат решенијата.
„Најголемиот проблем со којшто се соочивме изминатиот период и кое луѓето најдиректно ни го кажуваат е дека имале затворени врати. Едноставно не можеле да си ги кажат ни барањата, ни потребите и идеите. И што прават луѓето? Нормално се повлекуваат. Така да ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и после тоа дојдат до централното ниво каде што понатаму ќе се дообликуваат е вистинскиот пристап. Само така ќе можеме да кажеме дека сме креирале политики согласно реалните потреби на луѓето“, рече Филипче.