Топ
Бебе со повреди донесено на Клиника

Шестнаесет месечно женско бебе од Скопје со повреди вчера било донесено на Комплексот клиники „Мајка Тереза“
Мајката (21) пред полицијата кажала дека пред три дена, нејзиниот партнер С.И.(34) од Скопје, со кого живеела вонбрачно, го ставил бебето во детско седиште и со своето возило го однел кај дадилката Л.Д.(55) од Скопје.
Според изјавата на мајката, истиот ден дадилката ѝ пријавила дека кога го земала бебето од партнерот ги забележала повредите.
Полицијата информира дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски се извини за Фетаи: Тој се труди да го учи и зборува македонскиот јазик, не го знае оти се иселил на шест години

Потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, течно зборува четири странски јазици, а македонскиот се уште го учи оти се иселил од државава на шест години. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го оправда Фетаи кој во вторникот на новинарско прашање поставено на македонски јазик одговори на албански и кажа дека „уште не е спремен на македонски“.
„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Влада на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее Белгија и говори течно четири јазици, француски, холандски, англиски и така натаму, да не ги редам сега. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија зад себе. Школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам изминативе 15 месеци колку енергија вложува во тоа“, рече премиерот Мицкоски.
Тој денес се извини на новинарите за постапката на Фетаи и кажа дека вицепремиерот згрешил, но не во почитувањето на македонскиот јазик туку во ангажирањето преведувач.
„Единствената, по мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик да си донесе со себе преведувач. Јас во мое име се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговараме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да случи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.
Тој воопшто не спомена можност за разрешување на Фетаи како што веднаш јавно побара опозициската СДСМ поради непочитувањето на македонскиот јазик.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски призна, граѓаните се оставени сами без мерки за високите цени и со најниски плати

„Жалам што вчера премиерот изјави дека нема да се интервенира во цените на производите, вклучувајќи ги и основните прехранбени продукти,“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на брифинг со новинарите.
Филипче потенцираше дека ова е потврда за она што СДСМ го алармира веќе цела година – дека Владата нема никаква намера да ги заштити граѓаните, ниту да балансира меѓу интересите на големите трговски синџири и потребите на обичниот народ.
„Практично, вчера власта им порача на граѓаните – оставени сте сами на себе,“ истакна Филипче.
Според него, станува јасно дека актуелната власт е или премногу занесена од чувството на моќ или сосема ја изгубила врската со реалноста. А реалноста, како што посочи, е дека стандардот на граѓаните е драматично срушен.
„Оставија инфлацијата целосно да ги срози платите. Заштитувајќи ги интересите на блиски бизнисмени, дозволија цените едноставно да дивеат,“ кажа Филипче.
На тврдењата на премиерот Мицкоски дека „инфлацијата значително забавува“, Филипче остро возврати: „Тоа не е вистина. Статистиката не лаже – Македонија има инфлација меѓу највисоките во Европа. Додека просечната инфлација во ЕУ е 2.1%, кај нас во август е 4.4%, двојно повисока.“
Филипче предупреди дека ценовниот раст не запира. Само во август, во споредба со истиот месец лани, цените на храната пораснале за 6.7%, а овошјето и зеленчукот за над 11%.
„Синдикалната потрошувачка кошничка за август е над 65.000 денари. А оваа влада е единствената во регионот која на ваков раст на цени реагира со игнорирање,“ посочи тој.
Додека во Албанија минималната плата од следната година ќе биде 500 евра, а во Србија се планира зголемување на 550 евра, само македонските граѓани остануваат заглавени во сиромаштија поради, како што рече, политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова нема никаква врска со трета или четврта економска сила, како што сака Мицкоски да прикаже. Ова е само доказ за неспособноста и незаинтересираноста на владејачката коалиција да им помогне на граѓаните,“ истакна Филипче.
Тој ја заклучи изјавата со порака дека веќе дури ни пропагандата на Мицкоски не верува во приказните за економски успех.
„Граѓаните се тие што најдобро знаат како живеат. Едноставно, не можат да врзат крај со крај во текот на месецот“.
СДСМ ја повика Владата да престане со игнорантноста и веднаш да донесе сет на конкретни и ефикасни економски мерки за помош на граѓаните.
Македонија
Против три лица поднесено обвинение за депониите во „Вардариште“: ОЈО Скопје постапува и во други предмети за загaдување со отпад

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Тројцата обвинети, на ул.„Зендел Џемаил“ во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад.
Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.
Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела.
По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.
На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. По анализа на вештачењата во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет.
За настанатиот пожар на депонијата „Дрисла“ до овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, обвинителството ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.