Топ
Битолчанец си го чистел таванот и нашол бомби

Шеесетгодишен маж од Битола пријавил во полицијата дека вчера при чистење на таванот од својот дом, пронашол бомби.
Се работи за 10 рачни бомби, четири топовски удари (шок бомби), два куршуми од 9мм и 4 куршуми од 7.62мм.
Пиротехничар од Дирекцијата за заштита ги подигнал експлозивните направи за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Алкалоид-АЕК нема да се игра вечерва – Грците под закана од своите навивачи одбија да излезат на теренот

Финалниот реванш во ЕХФ купот меѓу Алкалоид и АЕК не започна. Грчките ракометари одбија да излезат на теренот во арената „Борис Трајковски“ бидејќи нивните навивачи не биле во салата.
АЕК успеа да Европската ракометна федерација (ЕХФ) да и приреди уште еден циркуз. Првиот пат во Белград, против Партизан им помина. И тогаш не излегоа на теренот, тврдеа дека нема услови да се игра. На крајот ЕХФ реши мечот да се игра на неутрален терен во Бугарија, без публика. Грчкиот тим по изведувањето пенали избори пласман во финалето.
Првиот меч во Атина, Алкалоид убедливо го доби 29:25. Се претпоставуваше дека Грците повторно ќе се обидат да исценираат нешто. Тоа и се случи, но сега ЕХФ не треба да падне на нивните финти.
„Натпреварот вечерва нема да се одигра, АЕК нема да излезе на терен. Ќе чекаме пнатамошни инструкции што со ќе биде овој натпревар. Добивме информација дека екипата на АЕК не сака да го одигра натпреварот“, рече официјалниот спикер.
„Имавме сигнали во текот на денот, уште од 10 часот кога се одржа ехничкиот состанок. Клубот и МВР донесоа одлука, бројот на влезници за гостите да биде 200. Навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, тие им поставија ултиматум на клупските леници дека ќе трпат последици, ако излезат на теренот. Раководството на АЕК поради тоа не дозволи играчите да се појават на теренот. Ракометарите на АЕК имаа и солзи на очите, но не смееја против одлуката на управата“, рече за МРТВ претставникот на Алкалоид, Зоран Цветановски.
ЕХФ во овој случај треба експресно да реагира, а епилогот треба да биде само еден. Натпреварот да биде регистриран со службени 10:0 за Алкалоид и трофејот да им биде врачен на играчите на Кирил Лазаров.
Македонија
Тошковски за тендерот за униформите: Се фокусиравме на квалитетот и цената, нема неправилности

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагира на обвинувањата за тендерот за униформите за припадниците на полицијата, велејќи дека постапката била предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не биле најдени никакви неправилности.
По обвинувањата од опозициската СДСМ дека тендерот го добиле две фирми, од кои едната со двајца вработени, а другата отворена 20 дена пред постапката, Тошковски образложи дека нивната логика е поттикнување на конкуренцијата и фер пристап.
Премногу строги критериуми, вели Тошковски, често ги елиминираат малите и средни претпријатија, кои во Македонија се најконкурентни и често можат да понудат најдобри цени. Наша цел, додава министерот, е да добиеме најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа го постигнуваме со овозможување на поширок круг на понудувачи.
„Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби“, дециден е Тошковски.
Министерот појасни и дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума одеднаш, туку склучена е рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години. Самата рамковна спогодба, вели тој, не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите.
„Наместо само на историјат на понудувачите, ние се фокусиравме на она што е најважно, реалниот квалитет на производот. Затоа, клучните услови беа задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории. Важно е да се нагласи и дека техничките спецификации за униформите и нивните делови се уредени со Правилник кој е јавно објавен во Службен весник. Тоа значи дека тие се стандардизирани и нема можност за какво било влијание врз нивната содржина, што обезбедува еднаков пристап за сите економски оператори“, се вели во реакцијата.
Покрај квалитетот, како што се додава, клучен фактор е и цената. Анализата покажала дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4 отсто за дел 1 и 27,9 отсто за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени.
Во врска со тоа дека обвинувањата доаѓаат од СДСМ, Тошковски рече дека токму тие што ги оставија полицајците без униформи, принудени сами да си крпат, шијат или позајмуваат делови од пензионирани колеги имаат образ да зборуваат за наводни криминални тендери.
Македонија
Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото, велат неистомислениците на Таравари од Алијансата

Го слушнавме нашето членство. Се сретнавме со нашите активисти во секој град – од Липково до Струга. И пораката е јасна: Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на некогашните соработници на Арбен Тараври од Алијансата за Албанците, кои не се согласија со одлуката да ја напушти Владата.
На прес-конференцијата зборуваше ексминистерот од Алијансата, Азир Алиу, а присутен беше и Арбен Фетаи, којшто Таравари вчера го разреши од партиските структури.
Тие не се согласуваат со поличкиот правец кој го зазема Таравари, најавувајќи соработка и со ДУИ за претстојните локални избори.
„Во овој турбулентен политички период, кога стариот режим ги прави последните обиди да ја затемни надежта за промени, ние избравме да не реагираме брзо. Слеговме на терен, ги слушавме нашите активисти, разговаравме со партнерите и размислувавме – со смиреност и одговорност“, рече Алиу.
Оваа група од веќе поделената Алијанса, смета дека земјата има потреба од стабилност, развој, одговорно владеење и од Алијанса која нема да ja предаде довербата добиена од граѓаните. Тврди дека се залага за одговорност, а не поради лични интереси и целта е да не ја напуштат битката на половина пат.
Велат дека Алијансата не е создадена да биде ничија алатка. Таа е создадена да биде глас на граѓаните, промените, и еднаквоста.
На пресот беше истакнато дека денешната влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција. Алијансата за Албанците, како што додадоа, има клучна улога во овој процес, и тие нема да се откажат од таа мисија.
„Во однос на половичните состаноци на ограноците што се нарекуваат „партиски конгреси“ и кои шират поделби и етикетирања – тие не го претставуваат духот, ниту пак статутот на Алијансата. Изразуваме разочарување за навредите упатени кон албанската младина и жената во име на Алијансата, но нашата одговорност е да не го изгубиме правецот дури и кога другите се деградираат“, беше истаканато.
Додаваат дека ќе продолжат како рамноправен партнер во коалицијата ВЛЕН, со иста професионалност и посветеност – служејќи им на граѓаните со чест и решителност.
Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, претходно го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партиското собрание. Таравари изјави дека се исклучени и некои членови на Претседателството кои јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Се работи за 8 од 46 членови. За Мимоза Муса, Таравари рече дека не е донесена одлука оти не е јасно дефинирано дали останува со Алијансата за Албанците, или со Влен.