Црна хроника
Велешанец осомничен за разбојништво во гостилница
Основното јавно обвинителство во Велес донесе наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице на возраст од 21 година за кривично дело разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот велешанец, на 16 август во вечерните часови, на терасата од гостилница во Велес, се доближил до оштетениот кој седел сам и гледал телевизија. Најпрвин го удрил со тупаница во пределот на ребрата од десната страна, по што му го тргнал столот на која седел. Оштетениот паднал на земја, а осомничениот од задниот десен џеб му го извадил и одзел паричникот во кој имало 2.000 денари, банкарски картички и други документи, по што се дал во бегство.
Имајќи предвид дека осомниченото лице претходно е осудувано за истовидно кривично дело, безимотен е, има блиски роднини кои живеат во странство, а и доста често отсуствува од сопствениот дом, Основното јавно обвинителство Велес оцени дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и за повторување на кривичното дело. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец измамен во менувачница од двајца странски државјани
Скопјанец пријавил дека во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од страна на двајца странски државјани за сума од 25.000 евра, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.
Синоќа во 19.15 часот во СВР – Скопје, Х.М., на возраст од 34 години од главниот град на државава, пријавил дека околу 15 часот во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од двајца странски државјани.
Според пријавеното, откако се договориле во менувачницата да сменат пари за 25.000 евра, лицата дошле со чанта со договорената сума на пари во денари, при што еден од нив ја заменил чантата со денари со друга иста чанта, која во долниот дел била полна со хартиени ливчиња.
Како што пријавил Х.М., тој им ги дал еврата без да ја провери чантата, а откако заминале, сфатил дека е измамен, појаснуваат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско, нема повредени
Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.
– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.
Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.
Црна хроника
Притвор за осомничен за спречување на полициски службеници да фатат побегнат затвореник
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 18-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
На 2 мај, во куќа на улицата “Димката А. Габерот” во Кавадарци, двајца инспектори од МВР преземале службено дејствие – фаќање побегнат затвореник од КПУ Гевгелија, кој бил роднина на сега осомничениот.
Затвореникот давал отпор при обидот да биде лишен од слобода за доизвршување на затворската казна, во што сега осомничениот го поддржал, се нафрлил врз еден од полициските службеници, го влечел и го гребел, нанесувајќи му телесни повреди.
Затвореникот успеал да се ослободи и да побегне, но подоцна бил фатен и вратен во затворот. Осомничениот исто така избегал во прв момент, но бил лишен од слобода, а по предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Кавадарци му определи притвор во траење од осум дена.