Топ
(Видео) Полицаец бил дел од скопска банда за шверц на дрога и оружје, користеле и блиндирано возило

По повеќемесечно криминалистичко истражување, денеска Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во координација со Единицата за специјални полициски операции спроведоа акција за сузбивање повеќечлена организирана криминална група.
Како што информираат надлежните, скопската група била со строго утврдена хиерархија и структура и се занимавала со продажба на дрога и оружје.
Во денешната акција извршени биле претреси на вкупно 20 локации, при што приведени се 12 лица од Скопје, меѓу кои и 33-годишен полицаец со иницијали Р. А.
Другите уапсени, меѓу кои има и една жена, се на возраст од 19 до 47 години: Б. А. (22), Б. А. (19), М. А. (47), Б. А. (23), С. Ј. (22), Е. Б. (27), З. М. (33), Љ. А. (30), Ш. А. (35), А. А. (26) и Е. С. (24).
Полицијата соопшти дека се трага по уште три лица што биле дел од групата.
При извршените претреси на повеќе локации се пронајдени дрога, муниција, два пиштола, автомобили, од кои еден блиндиран, поголема сума девизни и денарски парични средства, мобилни телефони и компјутерска опрема.
Надлежниот јавен обвинител, по добиената кривична пријава, ќе донесе наредба за спроведување истрага против лицата и ќе му предложи на судот да одреди притвор за сите осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ново обвинение за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за светлата во Црн Дрим

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот Рамиз Мерко, за злоупотреба на службена положба.
„Осомничениот, во временскиот период од 01.04.2021 до 27.06.2022 година, како службено лице – градоначалник на Општина Струга, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното корито на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото, иако обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката. За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6.763.722 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на Општина Струга“, информираа од Обвинителството.
Македонија
Увидот во Трубарево отежнат поради затрупувањето на локацијата, се вршат и дополнителни мерења на загадувањето

Скопското обвинителство и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по настанатиот пожар во Трубарево.
Увидните дејствија, како што информират од Обвинителството, се преземаа како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Извршено било фотографирање и дронско снимање на локацијата.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, велат од Обвинителството.
Исто така, се уште на лице место е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Политичка омраза преку фотомонтажи за трагедијата во Кочани – осуда и пад на сите етички граници

ВМРО-ДПМНЕ со најостра осуда реагира на срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку дистрибуција на фотомонтажи и лажни обвинувања кон претседателот на Владата и други функционери.
„Овие содржини беа објавени на интернет страницата ubijcitenakocani.com. Според јавниот WHOIS-извештај објавен на whois-страницата, доменот е регистриран вчера, на 16.9.2025. Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните name servers и регистратор, укажува на обид за анонимност и прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања со цел политичка манипулација и сокривање на траси кон вистинските иницијатори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели.
ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна реакција на надлежните институции. Не сакаме да веруваме дека некој сака по уште еден пат да предизвика болка, овојпат преку гнасна политичка злоупотреба на оваа трагедија. Зарем Обвинителството ќе остане немо на вакви содржини кои директно шират омраза, дезинформираат и претставуваат закана за безбедноста на луѓето? Дали институциите ќе ги испитаат регистраторските траги и ќе утврдат кои стојат зад анонимниот сајт и кој ги нарачал овие монструозни материјали?
Јавноста мора да знае дека обидот да се оцрни политичкиот противник преку вакви монструозни конструкции не е ништо друго освен признание за немоќ и недостаток на идеи. Болката на семејствата мора да остане света и недопирлива, а не инструмент за најниска политичка злоупотреба.
ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на демократијата, дијалогот и решавањето на проблемите на граѓаните преку одговорни политики, а не преку ширење на омраза и лаги“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.