Црна хроника
(Видео) Уапсени шест лица, сузбиена организирана криминална група инволвирана во шверц на мигранти
Вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска операција во која е сузбиена шестчлена организирана криминална група, која подолг временски период била инволвирана во вршење на кривични дела од областа на криумчарење на мигранти на територија на Република Северна Македонија. При реализацијата, спречен е и транспорт на шест мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице.
Имено, во период од април до 13 Јули 2025 година, А.И., Б.И., Б.З., В.Т., В.Т. и Р.Р., со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, во повеќе наврати извршиле криумчарење на илегални мигранти, со што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Мигрантите на територија на РСМ биле илегално пренесувани од Србија, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на с.Лојане, општина Липково, од каде со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно договорени локации. На овие локации, А.И. и Б.И. ги прифаќале мигрантите и со возила ги превезувале до локации во околина на Куманово, од каде Б.З. ги прифаќал и ги превезувал до околината на Гевгелија во близина на границата со Грција, каде пак ги прифаќал В.Т. и пеш ги упатувал до граничната линија со Грција на т.н. зелена граница. Како претходница т.н „чистач“ на сите транспорти на мигранти вршени од Б.З. бил В.Т., кој користел разни видови на патнички моторни возила. Криумчарењето на мигранти Б.З. го вршел така што, од возилата со кои го вршел транспортот ги отстранувал оригиналните регистарски ознаки и ставал регистарски ознаки кои потекнувале од други моторни возила, нерегистрирани или од возила кои биле претходно одјавени.
По претходен договор помеѓу А.И., Б.И., Б.З., Р.Р. и В.Т., на 13.07.2025 било организирано прифаќање, привремено засолнување и превезување на шест лица илегални мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице. Б.И. како возач и А.И. како совозач во возилото, од околината на с.Лојане во близина на граничната линија помеѓу Србија и РСМ прифатиле шест мигранти и ги транспортирале до локација во близина на с.Пчиња. Таму Б.З. како возач и Р.Р. како совозач ги прифатиле мигрантите, а како т.н. „чистач“ бил В.Т.. При тоа, Б.З. не застанал на даден знак од полициски службеници туку почнал да се движи наназад со возилото во обид да избега, но за кратко време лицата се лишени од слобода, а пронајдени се и мигрантите од Кина. Мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци Гази Баба во Скопје, а лишените од слобода се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Истовремено, на подрачјето на Гевгелија, поради претходно обезбедени докази, од слобода е лишен и В.Т..
Истиот ден (13.07.2025), постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории, издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси на вкупно пет локации на подрачје на Скопје и Куманово, при што се пронајдени и одземени три патнички моторни возила, мобилни телефони кои лицата ги користеле за извршување на кривичното дело, СИМ картички, пари и др.
Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 14.07.2025 до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против шест лица и тоа, против А.И. (46), Б.И. (26), двајцата од Куманово, Б.З. (28), В.Т. (38) и Р.Р. (19), тројцата од Скопје и В.Т. (56) од Гевгелија, сите за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“ (член 418-б став 2 и став 4) во врска со кривично дело „соизвршителство“ (член 22) од Кривичен законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дете нападнато од врсници во Карпош, едниот снимал со телефон
Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје, Ј.Ц.А. (45) од Скопје пријавила дека околу 14:45 часот на подрачјето на Карпош, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници кои ги познавале, информираат од МВР.
Според пријавата, едниот од напаѓачите го снимал настанот со мобилен телефон.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен 15-годишен кумановец поради кражба на автомобил и приватни имоти
На 23 февруари 2026 година во 11:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода 15-годишник од Куманово, информираат од МВР.
Според полицијата, тој одзел паркирано патничко моторно возило „форд ескорт“, сопственост на Р.Ј. (25) од Куманово. Дополнително, се сомничи дека влегол во два приватни имоти и одзел повеќе предмети.
Малолетникот бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација
Црна хроника
14-годишно дете возејќи автомобил во Дебреште удрило во бетонски столб, повреден е и неговиот малолетен сопатник
Синоќа во полицијата било пријавено дека во село Дебреште, општина Долнени, патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 14-годишен малолетник од селото, удрило во бетонски столб, соопшти МВР.
Во несреќата, 14-годишен сопатник од Дебреште се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот и 16-годишен сопатник се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп.
Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

