Топ
Возач кој превезувал мигранти скокнал кога ја забележал полицијата, камионот удрил во автомобилот на МВР

Доцна синоќа, околу 1 часот по полноќ, на излезот од Стар Дојран, полицијата во товарно возило пронашла 42 мигранти (41 од Сирија и 1 од Бангладеш).
Откако возачот и совозачот на товарното возило ги забележале полициските службеници, скокнале од возилото во движење и избегале, а возилото се вратило назад и удрило во службено возило на МВР, информираат од полицијата.
Повредени лица нема, а увид извршила увидна екипа од Гевгелија.
Мигрантите се предадени за понатамошна постапка, по што ќе бидат спроведени до прифатно-транзитен центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
24-годишник осомничен за полови дејствија врз 5-годишно девојче

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека вршело други полови дејствија врз девојче родено во 2020 година, дело казниво според член 188 став 5 од Кривичниот законик.
Осомничениот 24-годишник, во неговиот дом во Волково, неколку пати извршил полови дејствија кои што не се состојат во вагинална, анална или орална пенетрација, врз оштетеното дете со кое е во роднинска врска. Тој го користел моментот додека девојчето било во неговиот дом затоа што живееле во одвоени куќи во ист двор, а потоа и се заканувал да не му кажува на татко и бидејќи ќе ја караат и ќе ја тепаат.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, особено имајќи ја предвид можноста за остварување контакт со детето и потребата за заштита на жртвата од осомничениот. Воедно, обвинителството ги ценеше и околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можноста да влијае врз постапката. Судот ја прифати ваквата аргументација и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Македонија
Интерната комисија проверува дали се правеле непотребни операции на срце, методологијата за работа е утврдена

Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции ја утврди методологијата за работа, која што ќе биде основата за анализата не само на веќе доставените осум случаи, туку на сите случаи кои ќе бидат доставени или утврдени од страна на интерната комисија.
„Транспарентноста е клучна во целиот процес. Се следат меѓународните стандарди како референтни точки. Очекуваме интерната комисија да ги утврди фактите во однос на осумте случаи и да постапува врз основа на медицински докази. Нашата крајна цел е заеднички да го подобриме здравствениот систем и да поставиме цврста основа на менаџирање во здравството“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Се додава дека интерната комисија е составена од врвни експерти во областа, правници и економисти. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб-страницата на Министерство за здравство.
Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија што ја формира Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба.
Македонија
(Видео) Утната процедура е можна причина за одложување на седницата за прислушувањата, Петровска бара декласификација

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција оцени дека власта намерно прави деловнички грешки со закажувањето на седницата на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање.
Петровска посочи дека таа била известена да претседава со седницата закажана за денес, но утрово добила известување од претседателот на Собранието дека седницата е одложена. Објасни дека од неофицијални извори разбрала дека станува збор за „утната процедура“ или погрешна примена на Деловникот, но истакна дека како пратеничка и членка на Комисијата е подготвена да претседава кога било, според правилата.
„Како пратеничка на СДСМ, од интерес ни е надзорот да се спроведе и граѓаните да бидат информирани за наодите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации е неприфатлив“, рече Петровска.
Таа нагласи дека СДСМ нема што да крие, но се сомневаат дека власта има што да крие, особено поради инсистирањето за декласификација на документите.
„Несериозен е пристапот на власта, особено затоа што тие се тие што го обелоденија овој таканаречен скандал, а при тоа пропуштија правилно да го применат Деловникот. Тоа е сомнително, најмалку речено. Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат. Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината“, рече Петровска.
Можеби, како што додаде, ова одложување е резултат на страв од таа декласификација.
Петровска додаде дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Џепи, не бил информиран за нејзиното претседавање, а службите потврдиле дека иницијатива за свикување на седницата не била доставена.
Заклучи дека ако надзорот се одржи и документите се декласифицираат, сите дилеми ќе бидат разрешени и ќе се знае вистината, предупредувајќи на можноста за спојување на двете агенции со цел поставување на човек без искуство на чело на новата агенција.