Топ
Воз удри во автомобил кај Кочани

Сообраќајна несреќа помеѓу патнички воз и автомобил се случи вчера на железничкиот премин кај кочанското село Горни Подлог.
Возот удрил во автомобил управуван од 40-годишно лице од градот. Од полицијата информираат дека нема повредени и причинета е само материјална штета.
Возот за време на несреќата, сообраќал на релација Скопје–Кочани.
Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Кочани, а железничкиот сообраќај од 18.30 до 20.45 часот бил во прекин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
(Видео) Специјалци од единиците „Волци“ и „Тигри“ направија пресека за да не се пренесе пожарот од Јасен

Пресеката, поточно правење бришан простор за да не се пренесе пожарот преку срт, целосно ја завршија припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ заедно со припадниците на Батаљонот за специјални сили „Волци“, согласно условите на теренот, известија од ДЗС.
Стојанче Ангелов, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи ги предводеше активностите и на терен, на негов начин, рамо до рамо со специјалците. Акцијата којашто е стратешки превентивна мерка, за што беше потребно многу работа, практично многу расчистување за да се направи пресеката – бришан простор широк дваесетина и повеќе метри на големиот срт долг неколку километри дури до езерото Козјак.
Инаку, после завршувањето Ангелов изврши извидување и се врати заедно со последните специјалци. Денеска е извојувана битка, но борбата продолжува за да се зачува што повеќе од прекрасната шумата во Јасен, велат од ДЗС.
Македонија
Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле непотребни операции за профит

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот ‘Мој термин’, само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откога во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.
Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрено да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.
Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без изденачување на поединечни случаи со целиот систем.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а особено ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави што водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.
Ваквата реакција од Здравство доаѓа откога неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.
Фото: ЕПА