Топ
Воз удри во „ситроен“ во Тетово, две лица се повредени
Две лица се тешко повредени кога воз удрил во „ситроен“ пред влезот на железничката станица во Тетово. Како што информира полицијата, вчера во 17.46 часот било пријавено дека пред влезот на железничка станица во Тетово, поточно од стојалиштето „Ратае“ кон железничка станица во Тетово, на патен премин, патнички воз, кој сообраќал на релацијата Скопје – Кичево, удрил во патничко возило „ситроен“, со тетовски регистарски ознаки. Во возилото имало две лица што добиле телесни повреди, констатирани во Општата болница Тетово.
За време на вршење увид, во периодот од 17.46 до 20.55 часот, железничкиот сообраќај бил во прекин, информира полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
25-годишник загина во сообраќајка на магистралниот пат Куманово–Крива Паланка
25-годишник загина во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, на место викано „Смилчинци“, општина Старо Нагоричане.
Како што информираат од СВР Куманово, вчера, околу 19:05 часот, патничко возило „фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот С.Т. од село Нерав, кривопаланечко, удрило во куче скитник, а потоа преминало во спротивната сообраќајна лента, предизвикувајќи директен судир со патничко возило „бмв“ управувано од 27-годишниот Ф.Ј. од село Длабочица.
– Во несреќата со тешки повреди се здобиле двајцата возачи и сопатничките од возилото „БМВ“, А.С.(20) и С.Ј.(53) двете од Крива Паланка, констатирани во Општа болница Куманово, информираат од СВР Куманово.
Возачот С.Т. им подлегнал на повредите, а телото е предадено на обдукција по наредба на јавен обвинител.
Извршен е увид од екипа на СВР Куманово.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Европската Унија ги одби предлозите на балканските превозници, најавени нови блокади: „Последниот состанок беше катастрофален“
Европската унија ги одбила сите предлози на превозниците од Западен Балкан со кои требало да се реши проблемот со нивниот престој во Шенген зоната. Истакнато е дека превозниците донеле одлука за повторна блокада на товарните гранични премини, но засега не е познат точниот датум на новите блокади.
„Последниот состанок со нив беше катастрофален. Не прифатија ништо што предложивме, само рекоа – вклопете се во правилото 90/180, поинаку не може“, изјавил претседателот на деловното здружение „Меѓународен транспорт“ Неѓо Мандиќ за „Танјуг“.
На прашањето дали превозниците размислуваат за повторна блокада на товарните премини доколку наскоро не се постигне договор со Европската унија, Мандиќ изјавил дека одлуката веќе е донесена, но дека се чека усогласување со превозниците од другите земји од Западен Балкан.
„Донесовме одлука повторно да одиме со блокади, но за сè е потребно време, бидејќи мора да ја усогласиме постапката со колегите од другите земји од Западен Балкан. Кога ќе го усогласиме терминот, тогаш ќе го одредиме точниот датум. Мора да се состанеме и да се договориме околу сите детали, така што не знам кога ќе започнат блокадите“, нагласил Мандиќ.
Предлозите што на последниот состанок властите од регионот на Западен Балкан и превозниците ѝ ги упатиле на Европската комисија биле одбиени со коментари дека се „невозможни, премногу креативни и спротивни на Шенген законодавството“, додека било предложено возачите да пријават престој во некоја од поблиските членки на ЕУ, што за превозниците било неприфатливо, прене „Вијести“.
Протестите претходно започнаа на 26 јануари 2026 година со барање професионалните возачи да не се третираат како туристи во Шенген зоната, туку да добијат посебни правила за престој. Блокадите беа суспендирани на 29 јануари по најавата дека Комисијата ќе ги разгледа можните корективни мерки, но по објавувањето на официјалниот став на ЕК дека нема посебни измени за превозниците, се отворија нови реакции и незадоволство меѓу транспортерите.

