Црна хроника
Во изминатите три дена во Скопје се случиле 27 сообраќајни несреќи
Во текот на изминатите три дена на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 27 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, 13 сообраќaјни незгоди со телесни повреди и 12 со материјална штета, соопштија од полицијата.
„Во сообраќајните незгоди три лица се здобиле со тешки телесни повреди и 16 лица се здобиле со телесни повреди, а од преземените мерки и активности констатирано е дека 77 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената,“ стои во соопштенеито на МВР.
Од сообраќај како што информираат од полицијата исклучени се 44 возачи од кои 15 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 23 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и шест возачи затоа што биле возачи-почетници.
Исто така исклучени од сообраќај се и 25 возила бидејќи биле нерегистрирани, додаваат од МВР.
Санкционирани се и 18 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, седум поради неправилно престројување, еден возач поради неправилно престигнување и 17 возачи поради недопоседување пропишана зимска опрема. Во однос на пешаците санкционирани се 20 пешаци поради поминување на коловоз вон пешачки премин и 10 пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 210 мандатни платни налози и 125 возила се подигнати со специјално возило „пајак”, се наведува во соопштението на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

