Топ
Во сообраќајна несреќа на Халкидики загина 22-годишно момче од Скопје

22-годишно момче од Скопје загина во сообраќајна несреќа што се случила утрово околу 06.30 часот по локално време во познатото грчко летувалиште Халкидики, објави грчкиот портал, „Halkidikinews“.
Сообраќајна несреќа се случила на патот Полихроно – Ханиоти.
22-годишниот возач, кој се движел кон Полихроно, под неразјаснети околности изгубил контрола над својот автомобил и се превртел.
Младиот човек кој дошол на годишен одмор на Халкидики, починал веднаш на местото на несреќата.
Неговиот 21-годишен совозач со повреди бил пренесен во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривична пријава за градоначалникот на Делчево: вработил лице што исполнувало услови за пензија

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево на 25.08.2025 до ОЈО Делчево поднесе кривична пријава против Г.Т. (54) од Делчево поради основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Пријавениот Г.Т. како овластено службено лице градоначалник на Општина Делчево на 01.08.2018 по јавен оглас од 25.06.2018 за вработување на административен службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на службената должност донел незаконска одлука за избор на кандидатот В.М. од Делчево, кој уште во првата фаза од постапката за вработување, како и во моментот на донесување на решението за стекнување на статус на административен службеник ги исполнувал законските услови да се стекне со право на пензиско и инвалидско осигурување со навршени 64 години старост, што претставува основа за престанок на работен однос на административен службеник, а не основа за вработување согласно член 98 став 1 алинеа 3, а во врска со член 98 став 5 алинеја 9 и 10 од Законот за административни службеници.
Со незаконското вработување, пријавениот Г.Т. му овозможил на В.М. да се стекне со противправна имотна корист од 505.561 денари на име плата и да нанесе штета на Општина Делчево во износ од 762.318 денари по основ на исплатени придонеси и плата.
Македонија
Алиу: Очекувам објективни резултати од анализата на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции

Министерот за здравство Азир Алиу утрово одржа состанок со интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата.
На состанокот присуствуваа и заменик-министерот Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и во јавните здравствени установи.
„Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.
Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничката болница во Битола, д-р Валон Асани од Клиничката болница во Тетово, д-р Никола Христов од Клиниката „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник, и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).
Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.
Од Министерството за здравство најавија дека процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат најбргу што може доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб-страницата на Министерство за здравство.
Македонија
Славевски најави мерки за поттикнување поповолно кредитирање за купување станови

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Иван Живковски, денеска оствари работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски.
На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и за можностите за поефикасна размена на информации меѓу двете институции. Како што соопштија од Катастарот, целта на средбата е креирање нови мерки за полесен пристап до кредити за купување прв стан.
Директорот Живковски ја изрази подготвеноста на Катастарот за интензивна соработка со Народната банка нагласувајќи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за креирање ефективни политики. Тој посочи и дека во тек е работа на повторно активирање на регистарот на цени и закупнини, што претходното раководство го имаше целосно прекинато.
Гувернерот Славевски истакна дека се подготвуваат мерки за поттикнување поповолно кредитирање објекти за живеење, особено за млади граѓани и за брачни парови кои првпат купуваат стан.
„Нашата цел е да овозможиме подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом во услови кога цените на недвижностите растат“, рече Славевски.
Агенцијата за катастар и Народната банка договорија потпишување меморандум за соработка, кој ќе овозможи подобра размена на информации, брза достапност на податоци за недвижности и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.
Соговорниците се согласија дека разликувањето на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции, како и зајакнатата институционална соработка, ќе создадат услови за поефикасна поддршка на граѓаните при решавање на станбеното прашање и индиректно ќе влијаат на стабилизирање на цените на пазарот на недвижности.