Топ
Во тешка сообраќајка во Штип загина 21-годишна девојка

Во тешка сообраќајка во Штип, утрово животот го загуби двесет и едногодишна девојка од Свети Николе.
Сообраќајката се случила на булеварот „Гоце Делчев“, а според информациите од МВР до несреќата дошло кога возило од марката „ауди“ удрило во електричен столб и преминало на другата страна на булеварот.
Во возилото заедно со девојката имало и 21-годишно момче кое со повреди било пренесено во штипската Клиничка болница.
Во тек е увид од страна на основен јавен обвинител и полиција за да се утврди причината за несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Цинизам и хипокризија е да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на годинешната средба на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“, којашто се одржа во Драч, Република Албанија.
Укажувајќи на неодржливоста на предолгото чекање на Западен Балкан пред портите на Брисел, заради насушната потреба од проширување на ЕУ со сите европски држави во функција на зајакнување на нејзината улога, како и заради зголемување на отпорноста на трети влијанија, Сиљановска-Давкова истакна дека е цинизам и хипокризија да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија.
Претседателката потенцираше дека годинава, за разлика од лани, Декларацијата е усвоена со консензус на лидерите на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“.
За неа, соработката е неопходна заради решавање на заедничките проблеми, како: егзодусот на младите, опасноста од стагнирање на економијата и надминување на безбедносните предизвици.
„Верувам во добрата волја, верувам во добрите намери, верувам во посветеноста на Хрватска и Словенија на процесот и нивната посебна одговорност кон регионот и неговото забрзано чекорење кон ЕУ“, заклучи претседателката Сиљановска-Давкова.
Иницијатори на „Процесот Брдо-Бриони“ се Република Хрватска и Република Словенија. Во процесот, покрај нас, вклучени се и: Република Црна Гора, Република Србија, Република Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Претседателите на овие земји се состануваат најмалку еднаш годишно. Следниот состанок ќе се одржи во Република Хрватска.
Македонија
За пет дена 2.267 сообраќајни прекршоци, уапсени се 22 лица

Од почетокот на месец октомври полицијата констатирала 2.267 сообраќајни прекршоци, а 22 лица се уапсени за безобзирно управување на возило, соопшти МВР.
Во периодот од 01.10.2025-05.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.267 издадени платни налози, 514 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 22 лица, од кои 18 за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 605 прекршоци за неправилно паркирање, 258 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 73 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 32 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и тројца пешаци и 26 возачи на електрични тротинети. Исто така санкционирани се 111 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас.
Согласно Законот за возила, 73 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 29 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 30 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
(Видео) Николоски: Јасно е дека Заев ги влече конците во СДСМ

Јасно е дека Заев ги влече конците и во време на претходниот претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски и во време на актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче. Што е најдобар доказ на она што го зборуваме постојано, а тоа е дека се во целосна координација и дека лидерот во сенка на СДСМ, е токму Зоран Заев, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Заев и Филипче зборувале исто, или, оак, како што рече, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот.
„Сепак, од она што го напиша се гледаат неколку работи. Прво, со тоа што кажа и што го кажува ќе мора да внимаваме да не ни ја повлече државата со себе во провалијата, затоа што јасно е дека она што го прочитавме е израз на паника и на страв. Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа. И затоа е толку голем отпорот кон реформи во судство и обвинителство и тоа е последниот бастион, последната одбрана на неколку елити во СДСМ и овој СДСМ служи само на Зоран Заев и служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката. Човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше во чие што време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“, рече Николоски.
Според него, потребна е масовна референдумска излезност на овие избори за да се, како што рече, заврши работата уште на 19 октомври
„Мора да се стави една јасна линија и јасна граница од една страна, а од друга страна мора народот јасно да му се каже која е понудата на овие избори“, рече Николоски.