Црна хроника
Вработената како референт од Куманово издавала и регистарски таблички без наплата, МВР со нови детали за случајот
Вработената како рефернт во Одделението за управни работи Куманово која одобрувала регистрација на возила без исполнување на техничките услови, го оштетила буџетот за 417.500 денари, соопшти МВР.
Според новите детали од полицијата за овој случај, вработената со иницијали М.П. издавала регистарски таблици и платливи обрасци без да им изврши наплата, односно без да и бидат приложени уплатници за извршена уплата или непосредно да изврши наплата преку службениот Пос Терминал со банкарската картичка.
„Пријавената М.П., иако била свесна и знаела дека не се исполнети законски пропишаните предуслови, несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности, без претходно да ја запази процедурата за регистрација на возила, со што нанела материјална штета на буџетот на МВР во износ од 417.500 денари“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М.П. поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

