Црна хроника
Вработени во Агенцијата за администрација овозможувале кандидати да го положат испитот за административен службеник, кривична против седуммина
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против В.Н.(48) од Прилеп, Б.Л.(37) од Скопје, А.А.(51) од Скопје, А.К.(59) од Скопје, М.И.С.(38) од Скопје, В.Е.(34) од Гостивар, А.Е.(39) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, „давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“, извести МВР.
„Во периодот од септември 2022 година до првата половина на март 2023 година, В.Н., Б.Л. и А.А., вработени во Агенција за администрација, на одредени кандидати кои конкурирале за работа во државни институции им овозможиле успешно да го положат испитот за административен службеник. Првопријавениот, за време на полагање на испитот, неовластено преку мрежен пристап навлегувал во компјутерите на кандидатите, а притоа пријавените на одредени кандидати им овозможиле користење недозволени средства за време на испитот. Пријавените В.Н. и Б.Л., од септември 2022 до крајот на 2022 година, од пријавениот А.К. побарале и примиле подарок за да овозможат неговиот син успешно да ги положи испитите и да биде вработен“, соопшти МВР.
„Притоа, пријавениот В.Н. му овозможил на второпријавениот Б.Л. да врши проверка и промена на внесените одговори. Во декември 2022 година, пријавените В.Н. и Б.Л., со цел да примат подарок за себе од пријавените В.Е. и А.Е., влијаеле на пријавената М.И.С., вработена во Агенцијата за администрација и претседател на комисија за селекција за вработување за конкретниот оглас, при што во интервјуто на кандидатката В.Е. и дала максимален број на бодови, без оглед на нејзината стручност. На тој начин кандидатката ги освоила потребните бодови и била избрана за работното место за кое аплицирала“, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

