Топ
Вработен во „Пошта“ уништил архивски материјал, против него е поднесена кривична пријава

Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против К. Л. (59) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело уништување или прикривање необработен архивски материјал.
Пријавениот, управник на експозитура во АД „Пошта на Северна Македонија“, во текот на 2021 година самоволно придонел за уништување документиран службен материјал за 2018 година, без да има дозвола и одобрение добиени од Државниот архив на Република Северна Македонија за уништување на предметниот службен материјал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Уште три европски земји ја признаа Палестина

Премиерите на Луксембург, Малта и Монако официјално ја признаа државата Палестина вчера на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Ова е почеток на обновена посветеност на надежта, дипломатијата, дијалогот, коегзистенцијата и решението за две држави. На идејата, кревка, но сепак можна, дека мирот може да преовлада“, изјави премиерот на Луксембург, Лук Фриден, пред Генералното собрание на ОН.
„Постојат моменти во историјата кога целта на мирот бара и морална јасност и политичка храброст“, рече тој, додавајќи дека одлуката „не е насочена против Израел или неговиот народ“.
Андора и Белгија најавија дека ќе ја признаат палестинската држава откако ќе бидат ослободени сите заложници и Хамас повеќе нема да биде на власт.
„Ефикасното водење дипломатски односи со новата држава Палестина, вклучително и отворањето на белгиска амбасада и склучувањето меѓународни договори, ќе се спроведе откако ќе бидат постигнати целите на Њујоршката декларација“, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер.
Да потсетиме дека вчера, францускиот претседател Емануел Макрон официјално ја призна државата Палестина во име на Франција. „Франција денес ја признава државата Палестина… за мир меѓу израелскиот и палестинскиот народ“, свечено изјави Макрон.
„Дојде време“, рече францускиот претседател во својот говор во Њујорк на конференцијата за решението со две држави, потврдувајќи дека со тоа е верен на историската посветеност на Франција кон Блискиот Исток.
Претходно, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија ја признаа Палестина.
фото: принтскрин
Свет
(Видео) Хонг Конг се подготвува за најлошиот тајфун оваа година: училиштата се затворени, летовите откажани

Хонг Конг се подготвува за супертајфунот Рагаса, најсилниот тропски тајфун во светот оваа година, затворајќи ги училиштата и откажувајќи околу 700 летови.
Рагаса, со ветрови до 220 км/ч, се приближува кон јужната кинеска покраина Гуангдонг, соопшти Опсерваторијата во Хонг Конг, и планира да го подигне предупредувањето за тајфун на ниво 8, трето највисоко. Се очекуваат ветрови со сила на ураган и обилни дождови, а нивото на морето ќе се искачи до пет метри, споредливо со разорните тајфуни Хато во 2017 година и Мангхут во 2018 година.
Властите им поделиле вреќи со песок на жителите, а луѓето складирале храна, што предизвикало брзо празнење на полиците во супермаркетите и зголемување на цените на зеленчукот. Берзата во Хонг Конг ќе остане отворена и покрај бурата.
Рагаса ги погоди северните Филипини во понеделник, каде што властите ги ставија агенциите во состојба на висока готовност. Кинеските власти во Гуангдонг и другите јужни покраини активираа мерки за заштита од поплави, додека Макао и Шенжен ги затворија училиштата и подготвија засолништа. Тајван евакуираше повеќе од 6.000 луѓе од загрозените подрачја.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Драматичен говор на претседателката на Молдавија: Кремљ мисли дека сите сме на продажба

Проевропската молдавска претседателка Маја Санду ги предупреди граѓаните на нејзината земја во драматично обраќање дека Москва го загрозува суверенитетот, независноста и европската иднина на нејзината земја. Обраќањето дојде откако властите извршија масовни рации и уапсија десетици лица осомничени за учество во руски план за дестабилизација.
„Нашата иднина е во опасност“
„Денес ви кажувам со сета сериозност дека нашиот суверенитет, независност, интегритет и европска иднина се во опасност“, рече Санду во видео обраќање синоќа, само неколку дена пред парламентарните избори закажани за 28 септември. На нив, проруските партии ќе се обидат да ја оспорат владејачката проевропска ПАС.
Претседателката предупреди дека Русија инвестира „стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двата брега на Днестар, како и во странство“, додека секојдневно го преплавува јавниот простор со „десетици лаги“.
„Стотици луѓе се платени за да предизвикаат немири, насилство и да ги плашат граѓаните“, истакна Санду. „Доколку Русија успее да ја преземе контролата врз Молдавија, последиците ќе бидат директни и опасни за нашата земја и целиот регион“.
Според Асошиејтед Прес, молдавските власти извршиле 250 рации на неколку локации низ земјата, насочени кон повеќе од 100 осомничени лица поврзани со план за предизвикување масовни немири. Главниот обвинител за организиран криминал Виктор Фуртуна изјави дека 74 лица, на возраст меѓу 19 и 45 години, се уапсени и можат да бидат задржани до 72 часа.
По рациите, претседателката повтори дека земјата е нападната од Кремљ. „Луѓето се опиени со лаги секој ден. Стотици поединци се платени да поттикнуваат насилство и да шират страв. Апелирам до сите граѓани: не смееме да дозволиме нашата земја да биде предадена на странски интереси“, рече таа.
Таа ја обвини Москва дека има сојузници во Молдавија, луѓе „кои многу пати покажале дека се подготвени да ја продадат сопствената земја за пари“.
Закани за европската безбедност
Санду нагласи дека руското влијание во Молдавија ќе има последици и за соседна Украина и за пошироката европска безбедност.
„Европа ќе заврши на молдавската граница. Европските фондови ќе престанат. Слободата на движење би можела да исчезне. Нашата земја би можела да стане отскочна даска за инфилтрација кон Одеса“, предупреди таа.
Молдавија аплицираше за членство во ЕУ во 2022 година откако започна руската тотална инвазија на Украина и истата година доби статус на кандидат. Преговорите за пристапување започнаа минатата година, што дополнително ги зголеми тензиите со Москва.
„Кремљ мисли дека сите сме на продажба, дека сме премногу мали за да се спротивставиме, дека не сме држава, туку територија. Но, Молдавија е наш дом, а нашиот дом не е на продажба“, рече Санду во својот драматичен говор.