Црна хроника
Гевгеличанец со стаклена чаша повредил две жени
Маж од Гевгелија физички нападнал две жени пред шестгодишно дете. Според информациите од гевгелиското Обвинителство, осомничениот со стаклена чаша ги повредил жените, украл пари и мобилен телефон и избегал.
Нападот се случил на петти овој месец кога осомничениот околу 20.30 часот, во домот на повредените во Гевгелија, по вербална расправија, физички ги нападнал. Кога ги повредил, украл 200 евра и мобилен телефон. Осомничениот излегол од станот и почнал да бега, а на скалите во зградата физички нападнал уште едно лице.
Против него е поведена постапка за три кривични дела – насилство, телесна повреда и самовластие. Против осомничениот се водела постапка и за други кривични дела и од судот му биле определени мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање живеалиште, обврска да се јавува на овластено службено лице и привремено одземање патна исправа. Поради тоа што не ги почитувал мерките, по предлог на јавен обвинител, судот му определи притвор од осум дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Претепал сограѓанин и му се заканувал со пиштол пред кафеана, приведен жител на Грчец
Триесет и деветгодишниот З.Ф. од селото Грчец, скопско, бил приведен во текот на денешниот ден поради напад пред угостителски објект на подрачјето на општина Сарај.
Претходно, на 7 февруари, тој со тврд предмет физички го нападнал 47-годишниот Р.З., исто така од Грчец, а потоа му се заканувал и со пиштол, јави МВР.
По целосно документирање на случајот, против З.Ф. ќе биде поднесена пријава.
Црна хроника
Запалени „порше“ и „форд ренџер“ во Батинци, известен е обвинител
Во раните утрински часови во селото Батинци, општина Студеничани, избувнал пожар во кој биле опожарени две возила – патничко возило „порше“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 47-годишниот Џ.И. од Батинци, и товарно возило „форд ренџер“, сопственост на правен субјект.
Случајот бил пријавен во 02:15 часот во СВР Скопје. Пожарот го изгаснала екипа од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје. Во инцидентот нема повредени лица.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Фото: илустрација (depositphotos)
Црна хроника
Автомобил излета од патот кај Маврово: скопјанка тешко повредена, сопатникот се здобил со полесни повреди
Седумдесет и тригодишна скопјанка е тешко повредена, а возачот со кој патувала се здобил со телесни повреди, откако нивното возило излетало од коловозот на патот Маврови Анови – Дебар, кај гостиварското село Скудриње.
Несреќата се случила на 7 февруари 2026 година, околу 9 часот наутро, кога патничко возило „опел зафира“ со скопски регистарски таблички, управувано од Ј.М. од Скопје, излетало од патот. Повредените се префрлени во Ургентниот центар во Охрид, каде кај сопатничката биле констатирани тешки телесни повреди.
Извршен бил увид.

