Црна хроника
Глоби за двајца гостиварци кои не ги почитувале решенијата за изолација
Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против двaјца гостиварци поради непочитување на здравствените прописи за време на епидемија. ОЈО Гостивар поднесе предлог за издавање казнени налози, со кои му предложи на Основниот суд Гостивар да им изрече парични казни од 100 дневни глоби.
Двајцата имале решение за домашна изолација и лекување, но тие не биле дома кога полицијата извршила контрола. Едниот отишол да купи лекови до аптека, а другиот ја напуштил државата и со авионски лет отпатувал во Минхен, Германија.
„Првиот обвинет од село Голема Речица, кому му бил определен задолжителен здравствен надзор и домашна изолација, не постапил во согласност со решението на здравствените власти, па на 3.11.2020 година го напуштил домот. На наведената домашна адреса бил затекнат само неговиот син, кој рекол дека не знае каде е татко му. Следниот ден полициските службеници извршиле разговор со обвинетиот, кој потврдил дека го напуштил домот, пеш се движел покрај реката Вардар до селото Равен и назад, купил лекови од аптека и се вратил дома.
Вториот обвинет, пак, исто така имал решение за лекување и изолација издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од 6.2.2021 година требало да остане во домашна изолација во село Равен. Но, на 12.2.2021 година, без дозвола, ја напуштил државата и со авионски лет од Меѓународниот аеродром „Скопје“ отпатувал во Минхен, Германија“, се вели во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

