Топ
Двајца уапсени за убиството кај „Мавровка“

Денеска во СВР Скопје било пријавено кривично дело убиство на паркинг простор пред трговски центар „Мавровка“ во Скопје, при што со огнено оружје е застрелано едно лице и починало на местото, извести МВР.
„Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Здружението на судии: Нема да ја коментираме неправосилната пресуда за „Онкологија“

Здружението на судии на Република Северна Македонија соопшти дека нема да даде коментар за неправосилната пресуда во предметот познат како „Онкологија“, бидејќи, како што наведуваат, основно правно начело е да не се коментираат судски одлуки кои не се правосилни, со цел да не се влијае врз понатамошната постапка и одлучување на повисок степен.
Во реакцијата, Здружението додава дека пресудата е донесена врз основа на признание на вина, но судството ќе ги почитува правните стандарди и нема да се впушта во понатамошни коментари.
Во однос на прашањето за платите, од Здружението нагласуваат дека и по зголемувањето од 78 проценти, платите на најголем број судии во основните судови изнесуваат околу 86.000 денари, а примањата на судските службеници се под просечната плата во државата.
„Ваквите плати на судиите и судските службеници се апсолутно најниски во регионот и пошироко,“ се наведува во реакцијата.
Македонија
Утре и задутре пулмолози ќе проверуваат колку им се оштетени белите дробови на жителите на Трубарево и околината

Два тима од Клиниката за пулмологија и алергологија утре и задутре ќе ги посетат жителите на Трубарево и околните места за скрининг на белите дробови по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу денес ги повика жителите да се пријават на скринингот.
„Министерството за здравство заедно со Клиниката за пулмологија, на 24 и 25 септември, од 10 до 16 часот, организира скрининг за граѓаните што живеат во Трубарево и околните места. Замолувам, сите граѓани, кои ценат дека треба да посетат доктор, на 24 и 25 септември да се пријават на овој скрининг. Дополнително, овие граѓани, ако има потреба, ќе може да продолжат со прегледи во Клиничкиот центар тука“, рече министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Оливер Зафировски, вели дека на самото место на жителите ќе им се направат почетни испитувања на белите дробови.
„Направивме два тима, кои ќе ги посетат сите граѓани во местото Трубарево и ќе направат почетни испитувања. Во зависност од овие испитувања, ако може да се постави дијагноза или да се докаже дека нема никакво оштетување на нивните бели дробови, останува да се ревидира терапијата што ја имаат. Ако има потреба, тогаш ќе ги упатуваме во нашата Клиника за пулмологија и алергологија за да може да ги продлабочиме испитувањата и по потреба да се даде соодветна терапија“ , рече директорот Зафировски.
Пред десет дена во Трубарево се запали фабрика за рециклирање пластика и електронски отпад. Пожарот предизвика густ црн чад видлив од цело Скопје, а во воздухот беа измерени високи концентрации на тешки метали, меѓу кои кадмиум, олово и арсен.
Гаснењето траеше повеќе од 24 часа, а во акцијата беа вклучени пожарникари, полиција, Армијата, медицински екипи и Црвениот крст. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, го нарече гаснењето школски пример за справување со комплексен пожар.
Настанот предизвика прекин на наставата во четири основни училишта во Трубарево, кои беа префрлени на онлајн-настава поради загадувањето.
Македонија
Условната казна за случајот со терапијата за рак е непочитување на жртвите, рече Андоновска

Пратеничката Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека условната казна изречена за злоупотребата на терапијата за пациенти со рак претставува „потценување на интелигенцијата на народот и непочитување на жртвите“.
„Со години пациентите добивале физиолошки раствор наместо вистинска терапија. Додека тие мислеле дека се лекуваат, тие всушност умирале“, рече Андоновска.
Таа додаде дека, според обвинението, со оваа злоупотреба е направена штета од 2,2 милијарди денари врз буџетот, а истовремено стотици пациенти биле лишени од можност за продолжување на животот.
Андоновска порача дека по ваква пресуда, во нормални околности би следувале разрешувања и оставки во судскиот систем, кој, како што нагласи, е зрел за ремонт.