Топ
Две деца загинаа во пожар во Шуто Оризари, врз нив паднал кровот на куќата
Две деца загинаа во пожар што се случи попладнево во скопската населба Шуто Оризари. Момчето и девојчето на возраст од 3 и 1,5 година, според првичните информации биле поклопени од покривот на импровизираната куќа во којашто живееле и починале пред да стигнат скопските пожарникари.
Според кажувањето на мештаните, во куќата имало четири деца, од кои две успеале да ги спасат по избувнувањето на огнот, додека врз најмалите деца се урнал покривот и било невозможно тие да бидат извлечени од домот што горел.
Пожарот, како што информираат од Противпожарната единица, бил пријавен околу 13:25 часот на улицата Брсјачка буна, во близина на пазарот во Шуто Оризари. Станува збор за дел од населбата каде има повеќе импровизирани куќарки, кои се залепени една до друга, во тешко пристапен терен. Според пожарникарите, интервенцијата била отежната и поради тоа што до куќарката нема асфалтиран пат, тука тесна патека, која е тешко проодна за возила.
„Кога стигнавме децата беа поклопени од покривот на импровизираната куќарка.Се обидовме да интервенираме и да ги извлечеме, но веќе беше предоцна, бидејќи децата беа починати“, раскажуваат пожарникарите за „Макфакс“.
„Пожарот беше избувнат во импровизирана куќа, до која имаше доградба и она што забележавме е многу кабли коишто висеа од сите страни и од покривот“, додаваат пожарникарите кои биле на местото на несреќата.
Првичните претпоставки се дека пожарот можел да избувне од електричната инсталација, но се чекаат резултатите од крим-техника коишто треба да посочат на причините за трагедијата.
Веднаш по пријавата за настанатиот пожар, на терен биле испратени две возила од Бит-пазар, а подоцна во интервенцијата се вклучиле уште две дополнителни возила, со цел да се спречи ширењето на огнот. Пожарникарите стравувале дека од пламените јазици ќе бидат зафатени и другите околни куќарки, кои во низа се залепени една до друга. Сепак, навреме е спречено огнот да се прошири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Механичар пукал кон муштерија по расправија околу поправка на автомобил во Гостивар
Вербална расправија околу поправка на автомобил заврши со пукање во Гостивар.
Механичар во текот на вчерашниот ден, со пиштол кој го поседувал без дозвола, пукал кон муштерија кој дошол во неговата продавница за автомобилски делови за да го поправи возилото.
Се’ почнало со расправија меѓу нив, по што муштеријата го турнал механичарот кон возилото со цел да го натера да му го поправи. Но, инцидентот допрва почнал. Мајсторот револтиран влегол во куќата. Го зел пиштолот и испукал проектил кон оштетениот. Не го погодил, а куршумот завршил во вратата на возилото.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Тој се товари за убиство во обид, како и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Топ
Пукање во Арачиново од возило во движење, повредено едно лице
Попладнево дошло до престрелка во селото Арачиново, Скопско, пришто повредено е едно лице.
Според информациите од МВР, околу во 14.50 часот, во угостителски објект, од возило во движење Ф.М. пукал кон Д.Р., но го погодил С.А..
„На С.А. му е укажана лекарска помош од страна на Итна медицинска помош“, информираат од МВР, од кадешто додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.