Топ
Две деца нападнати во основни училишта – едното од соученик на час, а другото од 42-годишник во двор

Две деца претрпеле физичко насилство во основни училишта во Скопје и Тетово, од кои едното за време на час од соученик, а другото од 42-годишник во училиштниот двор.
Првиот случај на насилство, за кое информираа од полицијата, се одвивало вчера за време на час во основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, кога дете било физички нападнато од друг ученик.
За настанот бил запознат Јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување, соопшти полицијата.
Во вториот случај, тетовската полиција поднесе кривична пријава против А.С.(42) од Боговиње, тетовско, кој во јуни во двор на основно училиште во селото, физички нападнал малолетник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Топ
Скопјанец ја турнал мајка си, ја давел, па кршел саксии по дворот, Обвинителството бара притвор

Скопското Обвинителство поведе постапка против 40-годишен маж од Скопје, осомничен дека извршил телесна повреда врз својата мајка, во инцидент што се случил на 21 септември во семејниот двор на улицата „Славејко Арсов“.
Според истрагата, осомничениот на висок тон барал пари од своите родители. Неговиот татко, вознемирен, го напуштил дворот, но синот продолжил да ѝ се обраќа на мајка си со навреди и грубости, по што и физички ја нападнал – се обидел да ѝ го земе телефонот, ја турнал на земја и почнал да ја дави за вратот.
Исплашена за својот живот, жената успеала да се тргне на страна, додека синот продолжил да уништува предмети и саксии низ дворот. Таа задобила телесни повреди, а Обвинителството побара притвор, поради ризик од бегство и загрозување на жртвата, со која и понатаму живее во иста заедница.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.