Црна хроника
Две лица демолирале и запалиле казино во Тетово
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против две лица за напад на службено лице и за демолирање казино. Како што се наведува, тие на 18 март, откако изгубиле поголема сума пари на апаратите за среќа, почнале вербална расправија со припадниците на агенцијата за обезбедување на објектот. Потоа со столoви и други предмети почнале да ги кршат апаратите и инвентарот во казиното.
Обезбедувањето пријавило во полиција, па на местото дошле и двајца полициски службеници.
Осомничените се вратиле во објектот со пластични шишиња со бензин. Полициските службеници ги предупредиле да не влегуваат во објектот, но наредбата не ја послушале. Напротив, кон полицајците упатиле погрдни зборови и закани дека ќе ги запалат. Отурнувајќи ги полициските службеници, осомничените започнале да истураат бензин врз тепихот, предметите, но и врз присутните полицајци и припадници на обезбедувањето. Го запалиле бензинот со запалка, по што избувнал пожар во внатрешноста на казиното, а од огнот бил зафатен и дел од униформата на еден од полициските службеници. Веднаш потоа осомничените го напуштиле местото на настанот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, по што со решение на Судот им е определена мерка притвор во траење од 8 дена. За едниот осомничен мерката е веќе ефективна, додека за другиот ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дете нападнато од врсници во Карпош, едниот снимал со телефон
Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје, Ј.Ц.А. (45) од Скопје пријавила дека околу 14:45 часот на подрачјето на Карпош, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници кои ги познавале, информираат од МВР.
Според пријавата, едниот од напаѓачите го снимал настанот со мобилен телефон.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен 15-годишен кумановец поради кражба на автомобил и приватни имоти
На 23 февруари 2026 година во 11:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода 15-годишник од Куманово, информираат од МВР.
Според полицијата, тој одзел паркирано патничко моторно возило „форд ескорт“, сопственост на Р.Ј. (25) од Куманово. Дополнително, се сомничи дека влегол во два приватни имоти и одзел повеќе предмети.
Малолетникот бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација
Црна хроника
14-годишно дете возејќи автомобил во Дебреште удрило во бетонски столб, повреден е и неговиот малолетен сопатник
Синоќа во полицијата било пријавено дека во село Дебреште, општина Долнени, патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 14-годишен малолетник од селото, удрило во бетонски столб, соопшти МВР.
Во несреќата, 14-годишен сопатник од Дебреште се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот и 16-годишен сопатник се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп.
Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

