Топ
Деца силувале дете во Скопје, таткото на момчето пријавил во полиција

Maж од Скопје пријавил во полицијата дека две лица го силувале неговиот малолетен син.
Според информациите во полицијата, таткото рекол дека во четвртокот, на подрачјето на Центар, двајца малолетници од Скопје со закана со остар предмет извршиле полов напад врз неговиот малолетен син и му одзеле личен предмет.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Подметнување пожар ќе биде тероризам, а фрлање отпад на недозволени места ќе се казнува со затвор над пет години, Мицкоски најави итни законски измени

Премиерот Христијан Мицкоски денес при посетата на Јегуновце најави законски измени со кои најстрого ќе се казнува подметнување пожар и фрлање ѓубре на недозволени места. Одговарајќи на новинарско прашање дали ги забележал депониите покрај Вардар кај Сиричино кога доаѓал кон Јегуновце, премиерот кажа дека секој што ќе биде фатен на дело ќе биде најстрого казнет.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, рече премиерот Мицкоски.
Освен законските измени, премиерот кажа дека вчера Министерството за животна средина испратило дописи до сите општини да ги расчистат дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е местото.
„Јас ги повикувам и несовесните граѓани кои што ги формираат овие диви депонии да не го прават тоа затоа што сите оние кои што ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“, повика премиерот Мицкоски.
Денешната снимка од подметнувањето на пожарот во Пинтија, премиерот Мицкоски кажа дека е само уште еден доказ дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред изборите. И денес тој не сакаше прецизно да каже кои се тие центри на моќ, но повтори дека одговорот на прашањето кому му одговара ваква состојба го дава и одговорот на прашањето кој ги нарачува.
Македонија
Идентификувани 20 лица осомничени за подметнување пожари во Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека дваесетина лица се идентификувани како осомничени за серијата подметнати пожари во Скопје.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе собрало дојави и информации за нивните активности, а во координација со Министерството за животна средина ќе следуваат конкретни акции.
„Идентификувани се дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад целиот овој процес“, изјави Мицкоски додавајќи дека институциите интензивно работат на расчистување на случаите.
Тој посочи и дека веќе постои снимка, која јасно покажува како бил подметнат пожарот во еден објект во Скопје рано утрото во 4.30 часот.
„Видовте колку дрско се подметнува пожар и тоа е уште еден доказ дека постојат центри на моќ што сакаат да внесат страв и паника пред изборите“, рече премиерот.
Според него, заседавањето на врвот на структурите на МВР е во тек, а институциите се решени да ги спречат обидите за создавање нестабилност. „Тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат. Ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крајот – повторно ќе победиме“, порача Мицкоски.
Македонија
Пред убиството Росица го пријавувала Стефановски за насилство и непочитување на забраната за приближување, го запалил и автомобилот на татко ѝ

Против Илија Стефановски, осомничен за убиството на Росица Коцева (31) и на татко ѝ Киро Коцев (68) во Велес, претходно биле поведени повеќе постапки за закани и насилство, соопшти Основното јавно обвинителство.
На 10 април 2025 година Обвинителството поднело обвинителен предлог за два настана: загрозување на сигурноста (чл. 144 КЗ) од 20 февруари 2025 година, насилство (чл. 386 КЗ) од ноќта меѓу 3 и 4 март 2025 година кога на партнер на оштетената му била нанесена полесна телесна повреда.
Во рамките на таа постапка било направено психијатриско вештачење. Вештото лице утврдило дека Стефановски не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на делата и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност кон оштетената.
На 10 септември 2025 година Основниот суд Велес го огласил за виновен и му изрекол условна казна со укинување на повеќето мерки на претпазливост. Во сила останала само мерката забрана за приближување и контакт со оштетената и нејзиниот партнер сè до правосилноста на пресудата. Одлуката штотуку пристигнала во Обвинителството, кое сè уште немало можност да се произнесе со евентуална жалба.
Во меѓувреме, на 21 мај 2025 година оштетената поднела нова пријава против осомничениот за неизвршување судска одлука. Таа навела дека, и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство во граѓанска постапка, тој продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии и на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, при што го одзел и го запалил автомобилот на татко ѝ. По оваа пријава, Обвинителството ја сослушало оштетената и издало наредби за прибирање докази од телефонска комуникација, како и четири наредби до МВР за обезбедување снимки од видеонадзор на разни локации во Велес.
Покрај тоа, на 25 март 2025 година оштетената го пријавила Стефановски и во ОЈО Скопје за настан од 27 декември 2024 година. Според пријавата, за време на патување во Бугарија и по враќањето во Скопје, тој се обидел да ја задржи во стан и ѝ нанел лесна телесна повреда (чл. 130 КЗ). Истовремено, и осомничениот поднел пријава против оштетената тврдејќи дека лажно го пријавува за да му изнуди пари. ОЈО Скопје прибавило медицинска документација и други докази. Пријавата на Стефановски за лажно пријавување била отфрлена, а постапката по пријавата на Коцева продолжила. На 9 септември 2025 година таа дала исказ во Обвинителството и потврдила дека останува на предлогот за негово гонење.
Вчера, беше објавено дека со повеќе повреди од остар предмет починаа 31-годишна велешанка и нејзиниот 74-годишен татко, а сторителот, 39-годишен скопјанец, поранешен партнер на девојката, се самоубил со тврд остар предмет.