Црна хроника
Добиле пријава за силување на дете, но не презеле ништо: кривична за директор и социјален работник во Македонски Брод
СВР Битола – ОВР Македонски Брод, до Oсновното јавно oбвинителство Кичево поднесе кривична пријава против Р.С.(38) и К.В.(44), двајцата од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непријавување кривично дело или сторител“ предвидено и казниво по член 364 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти полицијата.
Првопријавениот, директор на Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Македонски Брод, а второпријавената социјален работник во установата, на 07.03.2025 добиле телефонска пријава за полов напад и силување на дете кое било доделено во згрижувачко семејство и не наполнило 15 години, извршено од лице од Македонски Брод.
Имено, пријавените не презеле никакви службени дејствија по добиената пријава, како службени лица свесно пропуштиле да пријават кривично дело за кое дознале во вршењето на службената должност, а притоа не презеле никакви дејствија согласно законот за социјала заштита и подзаконските акти, Закон за правда на децата, со што создале услов за повторна виктимизација на детето-жртва на кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Камион удри во крава на патот Крива Паланка – Куманово
Камионџија од Бугарија усмрти крава на патот Крива – Паланка – Куманово.
Според информациите на МВР, вчера во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото.
По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
84-годишна битолчанка измамена за сума од 9.600 евра
Осумдесет и четиригодишна битолчанка пријавила во полицијата дека била измамена од едно лице за сума од 9.600 евра.
„Според пријавеното, претходно лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеници и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати. Како што е пријавено, таа ги дала парите на едно лице кое дошло пред нејзината зграда, а откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: Depositphotos

