Топ
Жена од Охрид почина откако ја прегази малолетник со мотор

Мопед управуван од 17-годишник од Охрид синоќа удрил во 68-годишна жена од Охрид.
„Б.Ѓ. била пренесена во Општата болница Охрид, каде што им подлегнала на повредите“, информираат од МВР.
Возачот на мопедот се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“.
Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Спасени се двете лица на кои им се преврте чамецот во Мавровското езеро

Спасени се двете лица на кои денеска попладне им се преврте чамецот во водите на Мавровското Езеро, информираат од Центарот за управување со кризи.
Од ЦУК велат дека двете лица се извлечени и се наоѓаат во возило на Итната медицинска помош.
Во акцијата учестуваше и спасувачки хелихоптер со специјален тим од САЕ „Тигар“.
„Припадници на Специјалната антитерористичка единица Тигар и Хеликоптерската единица при МВР во координирана акција со Полициското одделение Маврово и наведените институции од водите на езерото во 15.10 часот успешно ги извлекле Х.Б.(24) и И.Р.(23), двајцата од Скопје, во контактибилна состојба, по што биле пренесени во Ургентен центар Гостивар за преглед“, известија од МВР.
Инаку, како што информираат од ЦУК, откако им се превртел чамецот, двете лица успеале да се задржат на него. Но, поради силниот ветер и брановите, со чамецот се движеле кон Хидроцентралата.
За состојбата, бил известен и директорот на ХЕЦ „Маврово“ со цел да го запре производството на електрична енергија, како би се избегнале струите во езерото и би се сопрело движењето на превртениот чамец.
Македонија
Мицкоски за големиот протест во Србија: Ја следиме состојбата и не се мешаме во внатрешни работи на други земји

Нормално е да ја следиме состојбата во Србија. Неодговорно би било да не ја следиме состојбата со нашите соседи и врз основа на тоа сме подготвени за предизвиците. Доколку постојат такви имаме разработено сценарија, но не очекувам прелевање кај нас. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за случувањата во соседна Србија, каде денеска се одржува голем студентски протест, но и како ја оценува безбедноста состојба во нашата држава, односно дали случувањата во Србија можат да се рефлектираат и кај нас.
На прашањето дали е запознаен со информациите од тамошните медиуми дека структури од соседни земји на Србија, спомнувајќи ја и нашата држава, учествуваат во некакви сценарија за рушење на тамошната власт, премиерот рече дека политиката на власта е јасна, и додаде дека „не сакаме да ни се мешаат во нашите внатрешни работи, а ниту, пак, ние ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга земја“.
„Нашата домашна задача е наша домашна задача, а домашната задача на другите земји си е нивна домашна задача. Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамкитена законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Доколку не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што имаме работи што треба дома да си ги решаваме. Немаме амбиција да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот“, рече Мицкоски.
Македонија
Над 160 веб-страници за нелегално коцкање ќе бидат забранети, најави Андоновски

Измените на Законот за електронски комуникации поминаа изминатата недела, потребни се седум дена да стапат на сила и да се објават во Службен весник, а веднаш потоа, Министерството за дигитална трансформација е подготвено да ја донесе методологијата со којашто ќе се забранат нелегалните онлјан приредувачи на среќа, најави денеска од Штип, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Тој појасни дека постапката ќе биде по анализа на Државната лотарија, кои се оние нелегални приредувачи на игри на среќа и на министерството испраќаат нотификација, со табела на точна веб-страница, којашто треба да се забрани.
„Ние, таа ја ажурираме, ја испраќаме како налог за забрана до Агенцијата за електронски комуникации, којашто ја забранува преку телеком операторите. Што значи дека од испраќањето имаат рок од три до пет дена да постапи Агенцијата за електронски комуникации и телекомите и тие веб-страници ќе бидат забранети, какошто кажав и при носењето на законот оваа трка ќе биде постојана нема само еднаш да го правиме тоа, од прилика мислам дека темпото ќе биде две до три недели на почеток, што значи на две-три недели Државна лотарија ќе не известува за нови веб страници, коишто се појавувале, а ние со налог ќе ги забрануваме, се до финално завршување на процесот и да ги одвратиме граѓаните да се учесници во нелегално приредување на игри на среќа онлајн“, кажа Андоновски.
Министерот за дигитална трансформација смета дека на тој начин ќе ги заштитат граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци, картички, сметки во банките, но какошто рече „и ќе го заштитиме буџетот од излевање на средства, коишто би требало да се слеат, како даночна обврска кон буџетот на Македонија“.
Пред да се донесат законските измени за електронски комуникации, во кои е опфатено нелегалното електронско коцкање, направени се анализи. Според министерството за дигитална трансформација во тој период биле детектирани 160 веб страници на коишто нелегално се приредувале игри на среќа.
„Што значи во првиот бран ќе бидат повеќе од 160, но мислам дека и во секој нареден бран, како ќе забележува Државната лотарија и други заинтересирани странки забележуваат дека постојат нелегални приредувачи на игри на среќа онлајн во Македонија, тие можат да не информираат и ние веднаш ќе постапуваме“, изјави Андоновски.