Топ
Залутан куршум заврши во грбот на скопјанец додека возел велосипед низ Чаир
Додека 35-годишниот А.Ф. од Скопје се возел со својот велосипед во Чаир, почувствувал болка во грбот. Бил пренесен во болница, каде било констатирано дека бил погоден од залутано зрно од огнено оружје.
Според информациите од МВР, настанот се случил вчера напладне, а велосипедистот завршил на Комплексот клиники Мајка Тереза.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на „Комунална хигиена“ и раководителот сè уште се во полициска станица
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Сабахудин Рустеми, и уште едно раководно лице сè уште се наоѓаат во полициска станица, по приведувањето во врска со проблемот со отпадот во главниот град.
„Лицата се задржани и постапката е во тек“, велат од Јавното обвинителство.
Оттука вчера соопштија дека лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Владата, претходно го задолжи Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во „Комунална хигиена“ со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
Во врска со приведувањето во текот на вчерашниот ден реагираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која на Фејсбук со иронија напиша дека директорот, кој е кадар на ДУИ, бил пуштен од станица отако во полицијата по убедување им кажал дека во срцето и душата е „Влен“. Арсовска вината ја лоцира кај претседателката на Управниот одбор на претпријатието, Јулијана Спировска, за која, исто со доза иронија напиша дека неа не ја апсат оти имала албум со сликички со сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Голем е интересот за вакцинацијата против сезонскиот грип, од Здравство велат пријавени се повеќе од 70.000 граѓани
Министерството за здравство информира дека интересот за вакцинација против сезонскиот грип континуирано расте. Досега се пријавени над 70 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 22 илјади лица во државата.
Вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта, од кои 5 се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани може да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, меѓу кои: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца од 6 месеци до 5 години, лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Во организација на Министерството превентивни тимови од здравствени установи во државата продолжуваат со теренска вакцинација и во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост.
Македонија
Мицкоски: Енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет
Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритети државна стратегија, рече премиерот, Христијан Мицкоски, на отворање на 14-ти Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој што од денеска до 30 октомври се одржува во Скопје.
„Фактот што денес овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може – и треба – да се гради токму тука во нашата земја. Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание – кога има јасна визија, решителност и лидерство. Сакам да ја истакнам улогата и визионерството на министерката за енергетика која е решена да ги придвижи работите за кратко време, да ги забрза процесите и да не дозволи Македонија да заостанува во трката со времето. Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Тој вели дека глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода.
„А без слобода — нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство. Нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата. Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици“, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации.

