Црна хроника
Запленета дрога во вредност од 15.000 евра, приведени 12 лица при претреси во Кавадарци и Неготино
Вчера, од страна на полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, СВР Велес – ОВР Кавадарци, по насока од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, биле извршени претреси на 8 локации во Кавадарци и Неготино, при што од слобода биле лишени 12 лица што се занимавале со продажба на наркотични дроги.
Имено, во текот на март оваа година Н. Н. (30) од Кавадарци организирал криминална група на препродавачи на марихуана и кокаин на подрачјето на Кавадарци и Неготино, при што тој ја набавувал наркотичната дрога, ја препакувал и организирал мрежа за продажба.
Вчера, во утринските часови бил извршен претрес во домот на Ж. С. (33) во с. Ваташа, при што биле пронајдени 39 куршуми за автоматска пушка, пакувања со марихуана, кокаин и вага, а при претрес во објект надвор од селото, сопственост на неговите родители, пронајден е куфер со 5 големи пакувања со марихуана. На самото место биле затекнати Ј.Т. (27) од Кавадарци и Л. И. (25) од Неготино, кои по инструкции на Н. Н. требало дрогата скриена во објектот да ја подигнат и да ја однесат на друго место.
Во непосредна близина на објектот било запрено патничко возило „ауди А6“, со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од В. Ј. (48) од Кавадарци, во кое како совозач бил Н. Н., кои имале задача да вршат обезбедување на местото. По лишувањето на сите 12 инволвирани лица, се извршиле претреси и кај Р. Н. (22) и С. А. (24) во Неготино, како и кај В. Д. (31) и А. С. (25) во Кавадарци, при што биле пронајдени пакувања со кокаин, ваги и опиум и дополнителни докази за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, соопшти Сузана Прањиќ-Талевска, портпарол на МВР.
При претресите биле запленети и четири возила, а по извршеното вештачење на пронајдената дрога, утврдено било дека станува збор за марихуана со тежина од над 6 килограми, вкупна вредност од 15.000 евра и во текот на денот ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава по член 215 став 3 и член 396 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Стржанец објавувал експлицитна содржина од малолетничка
Полицијата во Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(41) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Пријавениот, на социјална мрежа, објавил фотографии и видео снимки со експлицитна содржина од женско лице, кое во тоа време било малолетно.
Црна хроника
Жена од Гевгелија измамила Грк дека е од Царина и му зела 2.000 евра
Полицијата поднесе кривична пријава против М.Ј.(46) од Гевгелија, поради измама.
„Пријавената, на 13 септември на царинскиот терминал на Граничниот премин „Богородица“, го довела во заблуда грчкиот државјанин К.Г.К., на начин што лажно се претставила дека е застапник во царински постапки и лажно му прикажала факти дека сторил тежок царински прекршок, поради што ќе биде задржан на македонско-грчката граница од страна на царинските власти и му побарала 2.000 евра, за да му помогне, на што се согласил“, објави МВР во дневниот билтен.
Црна хроника
Демолиран изборен штаб во Конче
Г.Г.(45) од село Дедино, општина Конче, пријавил во полицијата дека ноќта помеѓу 24 и 25.04.2024 во времето од 22.00 до 06.00 часот било скршено стакло на објект во село Дедино, кој се користел како штаб на кандидат за претседател на државата.
Увид на местото извршила екипа на ОВР Радовиш и се преземаат мерки за расчистување на случајот.