Топ
Запленети материјали за производство на психотропни супстанци
На 15.12.2023 од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога од СВР Скопје до Јавен Обвинител од ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава по чл.215 ст.4 од КЗ против Л.В. (59) од Р.Полска, со престојувалиште во Скопје. Кривичната пријава е поднесена после спроведена истрага од страна на Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога и Единицата за недозволена трговија од СВР Скопје при што беа обезбедени материјални докази дека полскиот државјанин во текот на месец ноември 2023 година, откако пристигнал во Скопје, неовластено набавил супстанции и материјали за кои знаел дека се наменети за производство на психотропни супстанции и прекурзори и тоа 88350 таблети.
Врз основа на Наредба за вештачење од јавен обвинител од ОЈО Скопје од страна на Фрамацевтскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје е изготвено стручно мислење, согласно кое од запленетите таблети кои во својот состав содржат псеуфоефедрин, а со оглед на големата количина која е запленета, истата може да биде употребена за нелегално производство на најмалку 3545 грама на метамфетамин.
По поднесувањето на кривична пријава од страна на јавен обвинител од ОЈО Скопје, полскиот државјанин е изведен пред Судија на Основен кривичен суд Скопје, од чија страна е изречена казна условна казна затвор од 2 години и мерка протерување од РСМ и забрана за влез во траење од 8 години. Исто така, од страна на Судија изречена му е мерка за одземање на таблетите, како и парични средства во износ од 14450 евра и 290.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото+видео) „Македонијо, ти си бисер балкански“ ечеше на свечената промоција на 508 нови полициски службеници
Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци. Од нив 416 се мажи, а 92 жени.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упатувајќи честитки до кандидатите истакна: “Имајте на ум дека секоја добра промена, промена на подобро почнува од поединецот од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно. Секако, говорам за интегритетот, кој што е суштинска спротивност од подмитливоста или поткупливоста, од лицемерието, од непочитување на законите или од селективната правда. Вие, како млади луѓе пред кои што е иднината имате право, можност, одговорност и секако – обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и поперспективна заедничка иднина“, рече министерот Тошковски.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, во своето обраќање потенцираше дека полициската професија секојдневно е исправена пред многу предизвици на кои полициските службеници треба веднаш да одговорат согласно законските прописи, но истовремено претставува благороден животен пат достоен за гордост и почит со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секој успешен подвиг како гарант на безбедноста.
„Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка да ви овозможиме сè што е потребно за достоинствено извршување на вашите работни задачи, а ваша должност како идни колеги и вработени во МВР, ќе биде да се грижите за безбедноста на сите граѓани и државата“, потенцираше Бојмацалиев.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа.
„Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста. За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, истакна премиерот Џафери.
На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на Владата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2023-2024 дадоа свечена изјава пред присутните.
По завршувањето на церемонијата во центарот во Идризово, при спуштање на македонското знаме, новите македонски полициски сили кои ја завршија обуката ги поздрави министерот Панче Тошковским а тие му возвратија со поздравна песна Бисер Балкански.
Македонија
(Видео) Николоски: Власта размислува за поткуп на гласачи
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4, Александар Николоски, денеска рече дека власта размислува за поткуп на гласачи на изборите закажани за 8 мај.
„Ја гледаме паниката во власта, особено во политичката партија ДУИ, слушаме дека веќе интензивно размислуваат за поткуп на гласачи, да им кажам дека тоа е недозволиво, дека е законски казниво дело и дека одговорност ќе има. Да не помислуваат на таква работа, нашата цел е јасна што поголема поддршка за СДС и ДУИ да одат во опозицијата. И ние сме убедени дека граѓаните ќе ни дадат огромна поддршка за да го реализираме ова, се со цел после тоа да воведеме функционален систем на правото, економски да ја развиваме Македонија, да ги подобруваме условите во образованието, во здравството, пензиите да растат, а младите да имаат подобра иднина во Македонија“, изјави Николоски.
Тој денеска е во посета на општините Гевгелија, Валандово и Неготино.
Македонија
Спасовски: Насилниците од 27 април никако не смее да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат помилувани
Денешниот ден 27 април не смее да биде заборавен, ова е најцрниот ден во историјата на македонската демократија, рече денеска на прес-конференција, Оливер Спасовски, носител на ИЕ2 од СДСМ.
„На 27 април 2017 година се случи напад на Собранието, со план да се убијат пратеници, новинари и стручни служби на Собранието. Насилници коишто беа поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ влегоа да ја остварат оваа цел. Затоа никако не смееме да дозволиме насилниците да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат тие коишто ќе бидат помилувани и на коишто ќе им биде простено за стореното“, рече Спасовски.
„Затоа е многу важно да разбереме сите дека овој десничарски режим во тоа време направи удар врз Уставот, државата и демократијата. Важно е да знаеме дека ваквиот пристап на една политичка партија може да ја сруши демократијата и слободата на граѓани и државата“, изјави тој.
Прес конференцијата се одржа пред Собранието каде беше поставен видео бим на кој се емитуваа снимки од инцидентите во Собранието. Веднаш до видео-бимот беа расфрлани и неколку искршени столчиња и други предмети.