Топ
Застрелан маж во Арачиново – му рекле да излезе пред куќата, па му пукале во нога

Арачиновец бил повикан да излезе пред неговата куќа, а потоа бил застрелан. Четириесет и двегодишниот маж синоќа бил донесен на Комплексот клиники со повреди од оружје во предлот на десната нога.
Од МВР за случајот велат дека излегле на местото на настанот пришто нашле две чаури од огнено оружје.
Засега нема информации дали е фатено лицето коешто пукало, како и за можните мотиви за пукањето.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Храбрите и неуморни пожарникари изгаснаа 21 пожар, активен е само уште еден

Центарот за управување со кризи информира дека до 9 часот наутро, регистрирани се вкупно 22 пожари на отворен простор. Од нив, само еден е сè уште активен, а 21 се изгаснати. Додека температурите се многу високи и сите бараме климатизирани простории, овие луѓе се на терен и се борат со екстремно високи температури од жешкото сонце и од огновите.
Единствениот активен пожар е во срцето на Националниот парк „Јасен“ во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Таму е мобилизирана значителна противпожарна сила, бидејќи станува збор за заштитено подрачје со исклучителна природна вредност и разновиден животински свет.
Останатите пожари, иако сега изгаснати, вчера предизвикаа сериозни интервенции низ целата држава. Во Тетовскиот регион, пламенот зафати ниска вегетација кај селата Озормиште и Тежето, како и во Слатино и Џепчиште, а во близина на железничката станица во градот и во Шемшово гореше запалено ѓубре. И Гостивар не остана поштеден – во близина на фирма во Мизраше гореше ниска вегетација, а во селото Симница повторно беше запалено ѓубре.
На југот од државата, во Струмичкото село Смолари, како и во Валандово, пламенот уништуваше ниска вегетација и плантажи. Во битолскиот регион, во близина на РЕК Битола, пожарот зафати тревни површини, а во селото Братиндол изгореа ниски растенија. Исто така, во прилепската касарна и во селата Дебреште и Лопатица гореше ниска вегетација, која поради сувото време брзо се ширеше.
Во централниот дел на земјата, Велес се бореше со пожар кај селото Отовица, а Куманово со пламен до патарината на автопатот Куманово – Скопје. Во источниот дел, селото Крупиште во Карбинци беше зафатено од пожар, како и селото Црвивци во Кичево. Сарај гореше кај селото Радуша, додека во Ранковце беше зафатена тревната површина покрај патот.
Иако сите овие пожари сега се изгаснати, надлежните предупредуваат дека високите температури и сувото време создаваат идеални услови за нивно повторно појавување. Апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да пријават секое забележано палење трева или отпад, со цел да се спречат нови големи катастрофи.
Македонија
Денес се навршуваат 24 години од загинувањето на бранителите кои нагазнаа на мина кај Љуботенски бачила

На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Топ
Пијан скопјанец преминал на спротивна лента кај Петровец, удрил во автомобил- повредени се две бебиња

Против 57-годишен жител на селото Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело – Загрозување на безбедноста во сообраќајот.
На 8 август, по локалниот пат што ги поврзува селата Петровец и Долно Коњари, осомничениот управувал автомобил „Мерцедес“ со измината важност на сообраќајната дозвола. Бил под дејство на алкохол и брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Во таква ситуација изгубил контрола над управувачот, отишол во лево и преминал на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока, па со предниот лев страничен дел од возилото удрил во автомобил „Шкода“.
Од незгодата со полесни повреди се здобиле возачот и четворица сопатници од возилото “Шкода”, меѓу кои две 8-месечни бебиња. По укажаната лекарска помош сите се пуштени на домашно лекување.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во судот и привремено одземање на возачката дозвола од Б-категорија, односно забрана за нејзино издавање.