Црна хроника
Земале пари за патни трошоци а не патувале: кривична против десет полициски службеници од ЕБР
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано оддделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против полициските службеници К.Ѓ., Г.Д., Н.С., И.Г., Д.Д., Д.Д., Н.М., С.С., З.Т. и Д.Т., сите вработени во Единицата за брзо распоредување, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување’’ казниво по член 353 од Кривичниот законик.
Пријавените, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористувајќи го стекнатото право за надомест на патни трошоци, поради тоа што по лична карта се воделе со место на живеење надвор од Скопје, ја злоупотребиле службената положба на начин што примале парични средства од Министерството за внатрешни работи за денови во кои не патувале од своето место на живеење до работното место во Скопје и обратно, со што во периодот 01.12.2023 до 17.09.2024 го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи во вкупен износ од 1.098.120 денари.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

