Топ
Истрага против две лица за изнуда и палење автомобил во Штип
Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца соизвршители на кривични дела – Изнуда од член 258 став 1 и Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, во последните неколку дена од старата година, испратиле повеќе заканувачки пораки кон трето лице, изнудувајќи му парични средства.
Соочен со сериозни закани кон сопствениот и животите на членовите на своето семејство, оштетениот ги пријавил осомничените, по што на 4 јануари била организирана средба за да им предаде 30.000 денари. Полициски службеници ги затекнале при обидот да ги преземат паричните средства и ги уапсиле.
Во текот на претходната постапка, Основното јавно обвинителство Штип обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека истите лица на 16 декември, пред зграда на улицата „Сремски фронт“ во Штип намерно запалиле паркиран автомобил „сеат леон” сопственост на една оштетена. На тој начин со умисла предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените, поради опасноста од бегство, можноста да влијаат врз сведоците или да ги повторат делата. Судот го прифати предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Воведовме 23 нови линии во авиосообраќајот, имаме рекордна бројка на патници, а годинава очекувам да порасне над 4 милиони патници
Од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови, охридскиот и скопскиот аеродром поминаа 3,5 милиони патници, оваа година скопскиот аеродром очекувам да биде лидер во регионот со раст и да надминеме 4 милиони патници, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи ги владините политики во авиосообраќајот.
„Почнавме сериозна политика на привлекување на нови авиолинии и авиокомпании, имајќи предвид дека Македонија нема излез на море и аеродромите се наш единствен излез и тука да доаѓаат повеќе туристи и повеќе луѓе за бизнис и можност македонските граѓани да патуваат. Она што сум горд е дека од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови односно авиолинии, последни се овие кон Алгеро- Сардинија и Палермо-Сицилија. Она што ми е драго е што двата аеродорми, охридскиот и скопскиот поминаа 3,5 милиони патници. Ако видите дека Македонија е 1,8 милиони, тогаш јасно е дека далеку е над бројот на население што го имаме и ако некои спинуваа, оваа година скопскиот аеродром ќе биде лидер со раст во регионот на поранешна Југославија што е гордост, имајќи предвид дека и Загреб и Сараево и Белград се поголеми како градови од Скопје што е додадена вредност”, изјави Николоски.
Тој додаде дека се започнати директни разговори со Саудиска Арабија за воспоставување на воздушен сообраќај меѓу двете земји што дополнително ќе се прошири мрежата на летови за Македонија.
„Очекувам и од таму да објавиме директни летови до скопскиот и охридскиот аеродром и ќе продолжиме со оваа политика на стимулирање на авиолинии. Очекувам оваа година да поминеме 4 милиони патници што ќе е апсолутен рекорд”, истакна Николоски.
Европа
(Видео) Зеленски: Десетици илјади Украинци загинаа за Донбас, не се работи за земјата, туку за луѓето
Претседателот Володимир Зеленски вчера повтори дека Украина нема да отстапи територија на Русија, ниту да се повлече од областите што моментално ги контролира. Изјавата доаѓа во време кога разговорите со посредство на САД за ставање крај на руската инвазија се во застој поради територијални прашања пред четвртата годишнина од војната, објави „Киев Индепендент“.
„Донбас е наш народ, не само територија“
„Илјадници, десетици илјади Украинци се убиени бранејќи го тој дел од Украина“, рече Зеленски во интервју водено од Пирс Морган. „Мора да разбереме дека Донбас е дел од нашата независност. Тој е дел од нашите вредности. Не станува збор за земја. Не станува збор само за територии. Станува збор за луѓе“.
Зеленски рече дека преговарачите постигнале поголем напредок во техничките дискусии, како што е тоа како да се следи потенцијалното примирје, отколку во политичките прашања. Тој нагласи дека секое трајно решение бара силни безбедносни гаранции и европска вклученост.
„Кога зборуваме за безбедносни гаранции, мислиме на цврсти гаранции дека остатокот од светот – или барем некои земји – ќе бидат подготвени да одговорат ако Путин се врати со својата агресија“, објасни Зеленски. Тој ја отфрли идејата за лична доверба во рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека на Украина ѝ се потребни „институционални“ гаранции.
Тој ги опиша Украинците како исцрпени по речиси четири години војна, но нагласи дека земјата останува обединета. Како примери ги наведе националната мобилизација за време на зимските енергетски напади и брзите поправки во Киев и другите градови. „Најтешката ситуација беше во Киев по сите овие напади врз енергетската мрежа“, рече тој, додавајќи дека „240 бригади дојдоа од сите региони за да ја обноват клучната инфраструктура во Киев“.
Регион
(Видео) Дете висеше од жичарата на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичарата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичарата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.

