Топ
Кавадарчанецот што избоде жена на нива обвинет за обид за убиство
Кавадарчанецот што во јуни годинава избоде жена на нива во прилепско село ќе одговара за обид за убиство и за противправно лишување од слобода. Според информации од велешкото Обвинителство, кавадарчанецот со возило ја одвел жртвата на нива, каде што ја избол со нож. По неколку часа, ја одвел во куќа и ја оставил таму раскрвавена. По еден ден, со такси-возило ја однел во селото Сопот, каде што ја исфрлил од возилото. Жената била во бесвест.
„На обвинетиот кавадарчанец на возраст од 37 години му се става на товар дека на 6 јуни годинава најпрвин по телефон ја повикал оштетената да му се придружи на патувањето за Прилеп. Таа прифатила и обвинетиот ангажирал такси-возило, но, наместо кон Прилеп, се упатиле во правец на село Бегниште. Кога дошле до крајот на селото, тој ѝ рекол на оштетената да излезат од возилото и продолжиле да се движат пеш по блиските ниви. Во еден момент обвинетиот извадил нож и со него ја пробол оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош нанесувајќи ѝ со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот. Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама“, велат од Обвинителството.
По неколку часа тој се вратил и со помош на лице, кое сега е сведок во постапката, ја однел во неговата куќа и таму ја оставил, иако жената имала болки и крвавења и го молела да ја однесе на лекар. Со ваквите дејства, велат од Обвинителството, тој противправно ѝ ја ограничил слободата на движење.
Тој се вратил во куќата утредента, на 7 јуни, и на инсистирање и молба од оштетената со такси ја однел до село Сопот, во близина на куќата на нејзините баба и дедо, ја исфрлил од такси-возилото во бесвесна состојба и таму ја оставил.
Истовремено, со обвинителниот акт доставен е предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот бидејќи, како што велат од Обвинителството, сè уште постојат основите поради кои тој е определен.
„Обвинетиот е пријател на оштетената и кривичното дело го сторил искористувајќи ја нејзината доверба и пријателство, што претставува околност која го оправдува стравот дека тој би можел да го повтори кривичното дело. Исто така, по извршувањето на кривичното дело, обвинетиот се криел во повеќе градови низ Македонија, честопати го менувал своето престојувалиште, што упатува на можност тој да се даде во бегство доколку биде на слобода. Во рамките на истражната постапка Обвинителството ја испитуваше евентуалната кривична одговорност и на други инволвирани лица, но до овој момент не се пронајдени докази што упатуваат во таа насока“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos
Македонија
МВР ќе ги тестира поставените камери: од 20 до 31 јануари на местата каде ќе се вршат активностите, нема да биде дозволен сообраќај
Министерството за внатрешни работи известува дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
МВР ги повикува граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.

