Црна хроника
Казни за 777 возачи во текот на вчерашниот ден, 212 за пребрзо возење
На подрачјата на осумте сектори за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден полициските службеници, во рамки на интензивните сообраќајни контроли, издадоа вкупно 777 платни налози, по преземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
По однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број изречени прекршоци против возачи – 227 се однесуваат на непрописно паркирање, а 212 – се однесуваат на непочитување на дозволената брзина на движење.
Потоа следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола – 53; па прекршоците за некористење на сигурносен појас (47) и за користење на мобилен телефон при возење (28), како и 25 прекршоци што ги сториле пешаци.
Во рамки на контролите, во три случаи евидентирано било минување на возило на црвено светло, осуммина возачи управувале возило под дејство на алкохол, а евидентирани се и 21 нерегистирано возило, како и шест возила кои што биле технички неисправни.
Министерството за внатрешни работи најави дека продолжува со засилените мерки и активности во поглед на сообраќајната безбедност и апелира до сите учесници во сообраќајот за целосно почитување на сообраќајните правила и прописи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

